Дамиjан Хирст ги рашири крилjата

91

Уметникот Дамијан Хирст се приклучи на растечката армија на деца уметници во Велика Британија и создаде свое виножито – симбол за поддршка на британската Национална здравствена служба во време на кризата со коронавирусот. Делото „Виножито од пеперутки“ може да се преземе од веб-страницата на британскиот уметник, за потоа луѓето да можат да го закачат на своите прозорци, како знак на благодарност кон здравствените работници од првите борбени редови. Тоа се состои од ленти со обоени крилја од пеперутки, клучен мотив во работата на Хирст.

– Сакав да создадам нешто за да оддадам почит кон прекрасната работа што ја прават вработените во НЗС, во болниците низ целата земја. Виножитото е знак на надеж и мислам дека е брилијантно што родителите и децата создаваат свои верзии и ги закачуваат на прозорците на своите домови – вели Хирст.
Хирст исто така планира да собере пари за здравствената услуга со продажба на ограничено издание на делото, но детали ќе бидат објавени на инстаграм-страницата на уметникот.

Хирст не е единствениот уметник што наоѓа инспирација во виножитото за време на пандемијата. Сер Квентин Блејк неодамна објави серија од 10 е-картички со виножито за луѓето да ги испраќаат до пријателите и семејството за време на изолацијата. Во нив, тој го замислува виножитото како дел од секојдневниот живот, претставувајќи го како куќички за кучиња, мустаќи, па дури и коса.

Проектот на Блејк е во соработка со „Хаус оф илустрејшн“, единствената јавна галерија во Велика Британија посветена исклучиво на илустрација, која Блејк ја основа во 2014 година. Е-картичките може да се преземат од официјалната страница на галеријата.