Гугутки

1207

Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Тони Попов

Мразам гугутки. Ги мразам од дното на душата. Тоа се итри птици, нема сомнеж, но се исто така и бездушни ѕверови. Под тие сиви пердуви се кријат подли, расипани и неблагодарни суштества, во нивните очи се крие уништувачко зло. Но да почнам од почеток.
Со жена ми сме заедно од јасли. Нашата приказна беше една од оние што ги гледаме во романтичните филмови. Бевме неразделни: нашите родители беа блиски пријатели, растевме на истата улица, одевме во исто училиште. По завршување на училиштето, факултет, работа, свадба. Сѐ по ред. Никогаш немавме поголема расправија, животот ни беше како од бајка.

Станот го купивме на денот на нашата втора годишнина. Да се има свое место значеше крај на преселбите, на пакувањето облеки и украси и влечкање од стан во стан. Да се има свој дом значеше планирање на иднината, пуштање корења. Тоа лето станот почна да добива белези од топлината и креативноста на жена ми: ѕидовите ги обоивме во весели бои, завесите станаа цветни, станот се полнеше со секакви дреболии и порцелански украси испозакачени по ѕидовите или наредени на полиците. Мене тоа не ми пречеше и се радував на ентузијазмот на жена ми во китењето на домот. Таа беше среќна, среќен бев и јас.
Балконот беше посебна приказна. Поставен на источната страна, високо на осмиот кат, нудеше прекрасен поглед на паркот и натаму во далечината, до зградите од спротивната страна. Кога изгреваше сонцето, светлината се одбиваше од околните згради и врвовите на дрвјата и играше пред нас како калеидоскоп. Жена ми, страсна цвеќарка, на балконот направи цветна градина. Кога ќе дувнеше ветар, свежината од боровите дрвја се мешаше со мирисот од сардели, хортензии, темјанушки и целата таа мешавина од мириси и бои правеше човек да заборави на сѐ друго.

Гугутките дојдоа некаде кон крајот на есента, еден пар, мажјак и женка. Слетаа едно утро заедно со снегот, кој таа година порани, на оградата на балконот. Како да изведуваат некаков танц, гледаа во мене со тие нивни длабоки топли очи, мрдаа со главите и мавтаа со крилјата. Сонцето се одбиваше од нивните пердуви и сивата боја стануваше црвена и жолта и сина, целиот спектар на бои живееше во нив. Ми се чинеше дека ќе го загубам здивот од таа глетка. Како хипнотизиран, зедов леб и почнав да им ронам. Секое утро доаѓаа на нашиот балкон, слетуваа на оградата и го почнуваа својот танц придружен со гугање, а јас земав леб или овесни снегулки и им оставав пред нив.
Жена ми на почетокот не го одобруваше тоа. Веројатно поради онаа женска интуиција можеше да ја насети темнината што доаѓаше и за која јас бев толку слеп. „Ќе ги навикнеш“, ми велеше. „Напролет ќе ми ги јадат цвеќињата“. Таа знаеше и требаше да ја послушам, но јас кусоглед и маѓепсан од тие сиви топки, продолжував да ги хранам.
Следниот месец почнаа да носат гранки за седело. Одбраа една поголема зелена саксија што висеше на ѕидот, во која имаше некое цвеќе со триаголни ливчиња во боја на вино. Жена ми беше лута. „Ти реков дека ќе ми ги уништат цвеќињата“. Тоа беше нејзиниот оксалис триангуларис атропурпуреус или така нешто. „Ќе насадиш нови цвеќиња“, ѝ велев. „Греота се, и тие како нас, си најдоа дом. Та нели вреди за тоа да се жртвуваат неколку цвеќиња?“

На спомнувањето дом жена ми омекна и тоа за мене беше знак дека сега и таа успеала да ја види убавината што јас ја видов кај тие птици уште од нивното прво слетување.
Во април забележавме дека гугутката постојано седи во саксијата и знаевме дека под неа има јајца. По некое време видовме дека и мажјакот и женката се менуваат за да ги топлат јајцата и тоа ни ги направи уште помили. Жена ми, поборник за родова еднаквост, скокаше од радост. На балконот почнаа да слетуваат и гаврани и страчки, кои се обидуваа да им ги грабнат јајцата, но гугутките (така велевме со жена ми) сега беа дел од нашето семејство и ние чувствувавме должност да ги заштитиме. Побаравме да работиме во различни смени, за да може еден од нас да биде постојано покрај нив. Едвај чекав да се вратам од работа, да седнам надвор и да ги гледам. Не постоеше ништо друго, сето наше време го трошевме таму. Се преселивме на балконот.
На први мај, од јајцата се испилија две пилиња. Понекогаш и мајката и таткото одеа по храна, па јас и жена ми бргу-бргу земавме стол и се поткачувавме да ги ѕирнеме пиленцата. На почетокот тие беа мали и влажни кафеави топки, со чудни клунчиња. Не личеа на гугутки и не беа нешто посебно убави, но ние се топевме од радост, тие беа како наши деца. Со уживање гледавме како мајката и таткото доаѓаат и ги хранат, пикајќи им ги клуновите во грлото.

Пилињата растеа бргу. За неколку дена почнаа да ги подаваат главите над седелото. Во следните две недели почнаа да сивеат, добија лик на гугутки, само што беа со подолг врат и некако издолжени. Веќе стоеја на работ од саксијата.
Набргу потоа почнаа да леткаат. Иако нивното летање беше несмасно и повеќе личеше на скокање од саксијата до оградата и назад, тоа за нив беше подвиг, а беше подвиг и за нас. Стануваа самостојни.

Утрото на трети јуни, заминаа таткото и мајката. Малите гугутки одлетаа следното утро. Очекувавме дека ќе се вратат, но тоа не се случи. Саксијата цело лето остана празна. Гугутките заминаа без поздрав и ни ги скршија срцата.
Есента ја поминавме изолирани од сите. Немавме желба да разговараме со никого. Не зборувавме многу ни меѓу себе. Жена ми знаеше да се загледа во една точка во ѕидот и да молчи со часови. Одвреме-навреме ќе шепнеше само „ми недостигаат“ и тоа беше тоа. Ѕидовите на станот ја загубија свежината, украсите беа покриени со прашина, сувите цвеќиња во саксиите на балконот сведочеа за пустошот. Продолживме да живееме во еден темен облак, сив како гугутка.

Утрото на први јануари осамна побелено од снег. Жена ми уште спиеше. Дома мирисаше на немиени садови и на застоен воздух. Ја отворив вратата на балконот за да проветрам и тогаш ги видов: гугутките беа на оградата на балконот до нас, ги мрдаа грдите мали главчиња, гугаа и мавтаа со крилјата. Пред нив, соседот во пижами, насмеан и маѓепсан, им ронеше леб.


Тони Попов е роден 1975 година во Скопје. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Автор е на две збирки поезија: „Моето парче небо“ (2008) и „Светот е жеден за збор“ (2015).
Негови песни и раскази се објавени во списанијата „Разгледи“, „Современост“, „Мантис“ и др.
Професионално се занимава со сликарство. Негови слики досега се продадени во 14 земји во светот. Живее во Охрид.