Гостува една од најдобрите виолинистки – Алена Баева

109

Филхармонија утревечер, во 20 часот, ќе одржи концерт на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите виолинистки на светската музичка сцена, Алена Баева од Русија. Со оркестарот ќе диригира Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концерт за виолина и оркестар во Де-мол, оп. 23 од Роберт Шуман и Симфонијата број 4 од Л.В. Бетовен.
Алена Баева брзо се етаблира како една од водечките виолинисти на својата генерација, со веќе завидна кариера зад себе и со настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. На шеснаесетгодишна возраст, Баева е добитничка на гран-при на 12. натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и на награда за најдобра изведба на современо дело. Подоцна, таа е добитничка и на гран-при на натпреварот „Николо Паганини“ во Русија (2004), вклучувајќи ја и специјалната награда со која ѝ се дозволува да настапува една година со виолината „виењавски“, изработена од Страдивариус во 1723 година. Баева,исто така, е добитничка на златниот медал и наградата од публиката на натпреварот „Сендаи“ во Јапонија (2007).

Репертоарот на Алена Баева опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар. Покрај честите телевизиски и радиопреноси на нејзините настапи низ Европа, Азија и Северна Америка, исто така, таа има и завидна дискографија, која содржи дела од Брух, Шостакович, Шимановски, Дебиси, Пуланк, Прокофјев… Настапува со диригенти како што се: Владимир Федосејев, Пабло Ерас-Касадо, Кшиштоф Пендерецки, Сакари Орамо, Томас Зандерлинг, а особено долга соработка има со Валериј Гергиев и Владимир Јуровски. Нејзините партнери за камерна музика ги вклучуваат: Марта Аргерич, Јури Башмет, Стивен Исерлис, Николај Лугански и Миша Мајски, а редовен партнер ѝ е пијанистот Вадим Холоденко…
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.

Скорашните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што ја добил наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија.
Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и во Санкт Петербург.