Ги користам шнитовите како симбол за кроење на животот

114

Визуелната уметница и професорка на Факултетот за ликовни уметности Славица Јанешлиева вели дека нејзината актуелна изложба „Преплетување“ треба да го обележи периодов токму таков каков што е, живот на дистанца и со многу виртуелни информации

Славица Јанешлиева, визуелна уметница

Изложбата „Преплетување“ на уметницата Славица Јанешлиева, која може да се види на веб-страницата https://slavicajaneslieva.mk., се состои од цртежи (со колаж и како објекти) и дигитални фотоколажи, кои во суштина се многу интимни доживувања што ја преокупираат авторката изминативе три години. Во нив таа зборувам за болка, за трансформација, за слобода на духот… Се обидува да ги пренесе процесите на самоспознавање, преиспитување и доживување, односно она што го чувствуваме, а тешко го опишуваме.
Делата на Јанешлиева се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет. Во нејзината биографија се забележани 28 самостојни и над 270 групни изложби. Таа е добитничка на повеќе меѓународни и национални награди и признанија.

Бевте меѓу првите уметници што на почетокот на пандемијата во „Нова Македонија“ учествуваа со текст во рубриката „Приказни од самоизолација“, каде што меѓу другото напишавте дека ситуацијата со која се соочуваме не дозволува ваше креативно опуштање. Но, сепак, деновиве презентирате дела на самостојна виртуелна изложба, под наслов „Преплетување“. Кога и каде ги создадовте?
– Ха-ха, да, се сеќавам. Тоа беше сосема на почетокот од пандемијата, кога преовладуваше стравот и драстично ни се менуваше секојдневието, но потоа увидов и одлучив дека карантините и самоизолацијата ми даваат време и можност да се посветам на себе и моето творештвото. Наедно ова ми беше начин да не ме преокупираат лошите вести и корисно и исполнето да го поминам времето, а да артикулирам сѐ што сум акумулирала (концепти, идеи, размислувања, асоцијации, цитати, ставови, емоции, потреби). Па, така, поголем дел од цртежите се создадени од март до октомври оваа година, на шанк-масата (трпезарија) во мојот дом, со слушање добра музика.
Зошто се одлучивте за ваков вид презентација, со оглед дека во галериите и во музеите во Скопје веќе се одржуваат изложби со почитување на пропишаните мерки на претпазливост и заштита од ковид-19?
– „Преплетување“ беше замислена како изложба во галериски простор, поточно во галеријата „Акантус“. Според првичниот концепт на изложбата, ми требаше простор со неколку помали простории и по можност простор со „интимно“ минато. За жал, во меѓувреме галеријата се затвори, а пандемијата продолжуваше непредвидливо и со различен интензитет. Транспортирањето опремени цртежи/колажи/објекти (особено, пак, што дел од цртежот е аплициран на стаклена површина) во галериски простор што нема сосема да одговара на мојата замисла и изложба со протоколи на посетеност (ограничено групирање и комуникација), односно мој ограничен контакт со набљудувачот и неможност да го протолкувам доживувањето, ми се чинеа како залуден подвиг. Често кажувам дека сметам дека уметниците се хроничари на своето време. Периодот во кој се создадени поголемиот дел од делата беше и сѐ уште е период на приспособување на ограничена социјализација и забрани за групирање. Секојдневието ни е многу различно од пред март. Сега многу животни активности реализираме гледајќи во некаков екран: онлајн настава со студентите, типкаме пораки и разменуваме фотографии преку социјалните мрежи, имаме видеосредби (на разни платформи) за да не разговараме само телефонски, туку и да се видиме, децата седат со часови пред компјутер слушајќи ги гласовите на наставниците и професорите, гледаме виртуелни изложби и поставки низ музеи и галерии од целиот свет. Поставувајќи си многубројни прашања про и контра вистинска или виртуелна изложба, а со потреба да го прикажам и споделам она што сум го создала и ме преокупирало, одлучив дека „Преплетување“ треба да го обележи периодот токму таков каков што е, живот на дистанца и со многу виртуелни информации. Искуството е одлично и добив многу позитивни коментари и пофалби. Изложбата изгледа најблиску можно до тоа како ја замислував. Само за десет дена, има 690 прегледи од 353 различни корисници, 270 од Македонија, а другите од Америка, Хрватска, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Данска, Англија, Холандија, Словенија, Австралија, Босна и Херцеговина, Франција, Унгарија, Луксембург, Норвешка, Пакистан, Србија и од Шведска.
Цртежите и колажите фасцинираат со начинот на кој во нив користите шнитови за кроење, „чуден“ свет од полжави, мравки, глуварчиња, небо, вода. Кои беа вашите авторски и лични преокупации што најдоа и свој одраз во делата од изложбата?
– Симболите, асоцијациите и метафорите секогаш биле значаен дел од визуелното „плетење“ приказни во моето творештво. „Преплетување“ е само продолжување на сѐ досега создадено, само во поинаков медиум. Цртежите (со колаж и како објекти) и дигиталните фотоколажи се во суштина многу интимни доживувања што ме преокупираат изминативе три години. Зборувам за болка, за трансформација, за слобода на духот. Се обидувам да ги пренесам процесите на самоспознавање, преиспитување и доживување, односно она што го чувствуваме, а тешко го опишуваме. Ова го правам со помош на активно набљудување, забележување, трагање, наоѓање, фотографирање, читање и градење асоцијации, деноноќно цртање и размислување за визуелната приказна за животот, за смртта, за физичките и психичките состојби на човекот, за домот, за општеството, за времето, местата, личностите, за испрекинатиот синџир на времето и неговата цикличност. Шнитовите за кроење и хеклање ги користам како трага и реминисценција на време, како асоцијација за женскоста, креативноста, припадноста, а особено како симбол на кроење на животот, индивидуален и/или колективен. Покрај асоцијативноста на внимателно употребените симболи и метафори (вода, небо, куќарки од полжави, детелини, пеперутки, мравки) и нивната персонификација, особено значајно ми беше да играм со слоевитоста, односно играта на сенките и создавањето на вакуумот – меѓупросторот или просторот на комуникација меѓу двете површини, различните светови, реалноста и фикцијата, лагата и вистината или болката и радоста.
„Наоѓам детелини со четири листа“ е насловот на едно ваше дело, работено со дрвени бои во текот на оваа година. Ви ја отсликува ли тоа можеби потребата од пооптимистички поглед на стварноста за да се продолжи со творештвото?
– Може и така да се доживее, но можеби повеќе како пооптимистички поглед кон животот. За мене лично е приказна за наоѓање детелини со четири листа во одредени периоди и повеќе има улога на мантричност. Реферирам на долготрајни процеси на работа, на трпение, на размена на енергија, на душевна состојба. Детелината со четири листа има богата симболика (верба, надеж, среќа, љубов, крст, Св. Патрик, самовили, амајлија). Зелената боја и нејзините различни нијанси исто така. Цртежот е работен два месеци, со речиси непрекината работа, во реалистичен манир (а форматот е голем), за да ја доловам мојата ментална слика и да посакате да „нурнете“ во детелините. Верувам дека по долгото и интензивно работење, потезите со боиците, нивното мешање, вдлабнувањата и релјефноста во мекиот памучен лист ги пренесуваат енергијата и надежта.

Сте размислувале ли што најмногу ви недостига и како уметница и како професорка на Факултетот за ликовна уметност во периодов на ковид-кризата, кој, за жал, сѐ уште трае?
– Од секој аспект, секако, најмногу ми недостига директната комуникација, непречена, без страв, без маски и течности за дезинфекција. Сега, кога на ФЛУ се работи по протоколи и ограничен престој во ателјеата, можеби повеќе ќе се цени слободата при образованието, како и дружбата-комуникацијата со колегите, што претходно беше навика. Морам да признаам дека со некои од студентите и виртуелната комуникација функционираше перфектно и доведе до одлични резултати. Но практичната работа бара и физички контакт, особено при изучувањето на основите. Сепак, се приспособуваме и се обидуваме да извлечеме максимум од ситуацијата и можностите.
Успевате ли да одржувате контакти со уметници и професори од факултети од другите земји, планирате ли одредени заеднички проекти?
– Да, дефинитивно. Контактите продолжуваат со сите можни расположливи средства. Изостануваат физичките присуства, но се организираат различни онлајн вебинари, на кои барем можеме да се видиме и да зборуваме. Засега заедничките проекти со колеги од другите земји сѐ уште се само планирање и разработување, но затоа со тукашните колеги имаме веќе тематски разработени проекти, кои се надевам ќе успееме да ги реализираме во текот на следната година.