Вљубен сум во мермерот

399
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Драган Попоски-Дада, скулптор

Не ми пречеше правот од мермерот, единствено грешев што додека делкав цигарата ми беше во уста, рече познатиот автор и пензиониран професор, опкружен со свои дела од ретроспективната изложба во „Даутпашиниот амам“

Цртежи и скулптури во најголем број изработени во мермер, но и во дрво и во бронза на познатиот скулптор и професор во пензија, Драган Попоски-Дада, може да се погледнат на ретроспективната изложба, која во „Даутпашиниот амам“ при Националната галерија на Македонија е отворена до 24 ноември. Во разговорот воден неколку дена по нејзиното отворање, авторот шетајќи низ галеријата, која на отворањето беше исполнета со многу луѓе, меѓу другото, носталгично рече: „Е, сега да сум шеесетгодишен, не сакам повеќе, само шеесет години, какви идеи имам“, рече Дада, кој во ликовните и не само во тие кругови е најмногу познат по тоа негово, скратено име. Од 1965 до 2018 негови дела на самостојни изложби се презентирани во Скопје, Единбург, Херогејт, Копар, Трст, Франкфурт на Мајна, Ашафенбург.

Многу студенти ви дојдоа на отворањето, мора да е големо задоволството да присуствувате на отворање на своја изложба на 85-годишна возраст?
– Да, дојдоа многу луѓе и поранешни мои студенти, а меѓу нив и една поранешна студентка од Гевгелија, која ми рече дека специјално дошла во Скопје за изложбата. Некои колеги ме прашаа како издржав таа вечер, а јас одев од еден до друг, разговарав, имав некоја сила.

Каде има поставено ваши скулптури во јавен простор?
– Насекаде, во Скопје, Битола, Прилеп, Штип, меѓу нив е и споменикот на Гоце Делчев во Велес, во Пиран, Словенија, но најмногу скулптури, 40 на број, има во Франкфурт во Германија. Оттаму е и банкарот Адолф Хјут, кој многу ми помогна за презентација на моите дела во Франкфурт, каде што во 1988 година ми беше отворена изложба. Пред една од тамошните банки е поставена мојата монументална скулптура во бронза „Бескрајна вертикала“, висока осум метри, a во внатрешноста има изложено и 20 мои релјефи од нивни стари монети. За скулптурите на јавен простор во Македонија сум добивал први, втори награди на конкурсите, а тоа стои и во каталогот за оваа ретроспективна изложба.

Немате многу скулптури од бронза, имате скулптури од дрво, а најмногу од мермер…
– Како прво, јас сум од Прилеп, како дете секогаш одев кај каменоделците, имаше еден Перо, Каменаро го викаа, но работеше мајсторски и со него правев муабети, се заљубив во мермерот. А Перо работеше и релјефи. Направи часовник и го вгради зад мермерот и стрелките вртеа, го постави во една од зградите во градот.

Не се плашевте од мермерот поради очите?
– Носев очила, но не ставав маска на лицето бидејќи белиот мермер е многу лековит. Имаше еден лекар во „Мермерниот комбинат“ во Прилеп што ги испитуваше работниците и викаше дека белите дробови им биле чисти како солза. А јас сум забележал дека и ден-денес со чеканот кога ќе удриш и ќе се раскрвавиш, ќе ставиш малку од правот и за неколку минути како ништо да не било. Не ми пречеше правот од мермерот, единствено грешев што додека делкав цигарата ми беше во уста.

Завршивте Академија за ликовни уметност (1961 г.) и постдипломски студии во Белград (1964 г.), бевте професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, колку беше тешко во тие години во Македонија да се прифати сознанието дека скулптурите се уметнички дела и дека треба да бидат поставувани во градовите?
– Македонија е мал пазар, народот беше сиромав во тоа време. На пријателите што ги имав често им подарував дела, а некои што беа поимотни купуваа. Тогаш постоеја четири откупни комисии во државата и ни откупуваа дела, а за нас како млади тоа беше многу важно. Во поранешна Југославија, државата повеќе се грижеше во смисла на откупи, а на булеварот Партизански одреди во станбените блокови се направија и ателјеа за уметниците. И јас добив, но не го задржав, тогаш живеевме со една плата, требаше да отплатуваме и го вратив тоа ателје. Имав ателје во Сарај, но го продадов откако почина жена ми.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изложувавте ли свои дела во Прилеп?
– Не, не знам зошто не изложував, но учествував на Симпозиумот за мермер, бев член на управата и имав многу контакти со уметници.

Освен големата концентрацијата на скулптури денес во Скопје, како гледате на (не)присуството на скулптури во другите делови на Македонија?
– Треба скулптурите од Скопје да се распоредат по цела Македонија. Од проектот „Скопје 2014“ ги има многу. Требаше државата еден добар дел од нив да постави и низ другите поголеми градови, во Битола, Прилеп и др. Од друга страна, таквите скулптури финансиски малку ги збогатија младите автори, бидејќи луѓето не купуваа често нивни дела. Тоа им користеше и да почнат реалистички да работат. Јас во Битола имам голем споменик за загинатите борци од Илинден и НОВ, поставен пред Центарот за културата. Во Велес требаше да правам скулптура од Панко Брашнаров во мермер, добив прва награда на конкурсот, но кога дојде жирито и тогашниот и сегашен градоначалник, Аце Коцевски, бараше да ја направам за два месеца, а јас одбив, бидејќи времето беше кратко за изработка.

Каде се наоѓа сега вашата мермерна скулптура од 1988 година, која во фазата на интензивно градење во центарот на градот беше фрлена зад Музејот на градот Скопје и пред неколку години им го привлече вниманието на медиумите?
– Ме побараа од „Систина“ и ме прашаа дали можат да ја земат и јас се согласив, барем таму ќе биде заштитена. Таму е убаво поставена пред влезот на болницата, беше оштетена, а скулпторот Сашо Саздовски успешно ја коригира.

Вие сте еден од ретките скулптори што во своите дела го меморира секојдневието на малите луѓе…
– Додека беше жена ми на факултет (предаваше македонски јазик), а децата во училиште, јас седев и си гледав преку прозорец работници како дупчеа на улица и така ми дојде идејата да направам скулптура и да ги претставам на тој начин. Таква е и скулптурата за собирачот на стари предмети „Старо купујем“, само не стигнав на количката да ѝ залепам истуткано железо.

Својата лирична нишка ја преточивте во незаборавните дела во бел мермер. Ве инспирираат природните, животните процеси?
– Да, и тутунот. Ме носеа и мене како дете на нива. Имам скулптура со магаре со кошеви и јас како седам. Инспирација ми беше тутунот, низите низ цел Прилеп како ѓердани.

Изложивте и голем број ваши цртежи, некои од нив се и од понов датум. Цртате, но дали сѐ уште работите во мермер?
– Не, во мермер не, не можам, во глина правам некои скици. Цртежите многу си ги сакам, еден дел од нив ги создадов како реакција на сечењето на дрвјата во Скопје од минатиот градоначалник, Коце Трајановски. Богата е Македонија со тутунот, со мермерот, штета што им го продадоа рудникот во Прилеп на Грците, го соголија ридот, да плаче човек. А „Мермерниот комбинат“ порано го финансираше и градот, а го помагаа и со пари од тутунот. Чудни работи се случуваа, што да каже човек, лоши и добри. Добро е што им дадоа на младите пари за да закрепнат, а некои од нив се истрчаа да купат џипови, наместо да направат ателјеа. Јас на времето возев „спачек“, со него во Англија носев скулптури, мали формати.

Ве фотографиравме до вашата скулптура на Самуил направена од парчиња метал…
– Да, ја заварував со апарат, купував парчиња метал и ја составував. Ме заинтересира целата историска приказна за цар Самуил. Имам и скулптура со Самуиловите ослепени војници како ги водат. Во Австралија имавме групна изложба повеќе автори, Македонци што живеевме во Сарај и една моја убава скулптура од 70 метри, ослепен Самуилов војник што многу експресивно изгледаше, некоја жена со лакот го турнала и го скршила. Ми вратија две парчиња, па од нив си направив помали скулптури.