Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес, со поддршка од Министерството за култура, деновиве го објави вториот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Автор на ова енциклопедиско издание е стрип-хроничарот и сценарист Александар Стеванов од Штип, кој наедно се потпишува и како негов графички уредник. Продолжувајќи ја иницијативата за прибележување на домашното стрип-творештво и издаваштво, во книгата Стеванов го обработува периодот 2000 – 2007 г.

– Наспроти мнението за домашната деветта уметност како непостојна, во неа по хронолошки редослед се опфатени над 200 одредници поврзани со македонскиот стрип: публикации, изложби, работилници, фестивали… За да се избегне сувопарност на материјалот, во публикацијата се пренесени стотина цитати и мноштво илустрации. А за олеснување на работата на некои идни истражувачи, на нејзините последни страници уредно се поместени фусноти, кои реферираат кон други изданија (весници, списанија, книги, каталози) и мрежни места, како и регистар на најчесто користените термини – вели издавачот.

Исто како и претходниот том, кој го опфаќаше периодот 1990 – 1999, и овој е со формат А4 и има 60 страници печатени во боја. Илустрацијата од насловната страница на изданието е фрагмент од стрип изработен од уметникот Синиша Цветковски. До крајот на годината, во авторство на Стеванов, се очекува да излезе уште една публикација посветена на македонскиот стрип.