Во трка за животот

111

Прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Петре Димовски

Не е мој ден, чувствувајќи недостиг од елан маратонецот Малко Јанин папагалски ќе ја повтореше често искажаната фраза, но во истиот миг зад брегот, во просторот, кој штотуку се отвори пред неговата патека, го пресретна ужасна сцена: двајца натрапници нападнаа девојка, која очигледно џогираше и беше сама во проретчената шума. Малко Јанин инстинктивно скршна од патеката да ѝ пријде на помош на нападнатата девојка и да ги изгони натрапниците, да ги спречи во нивната намера да ѝ наштетат, но во истиот миг го пресретна ужасна глетка.

Девојката падна, облеана во крв, и се чини во миговен замав од едниот од натрапниците ѝ беше одземен животот. Малко Јанин сега не можеше ништо повеќе да стори за несреќната девојка, но откри дека сега тој се најде во опасност. Напаѓачите наместо да се разбегаат и оддалечат од местото на злосторството и да се прикријат за да не бидат фатени, тие, заплашени од очевидецот на нивното недело, се впуштија кон него да го отстранат како потенцијален сведок. Ги натопорија крвавите ножеви кон него. Малко Јанин почна да бега, задржувајќи ја патеката на движење што водеше пред него, како најсигурна дека по неа има други тркачи, чие присуство ќе ги одврати напаѓачите од намерата да го убијат, но со ужас констатира дека во видикот не открива ничие друго присуство. Му преостануваше да го засили темпото на трчање и да ги настигне тркачите што се пред него. Беше убеден дека има тркачи пред него, дури пред овој настан му се причинуваше дека сите го престигнале во маратонската трка кога со мачнина ќе признаеше дека не е неговиот ден, но тркач немаше ни пред него. Каде исчезнале сите, процеди низ лутина, чувствувајќи го наближувањето на двајцата гонители. Дали ќе може да им избега? Па тој е маратонец, секако, гонителите не може да ја имаат неговата брзина, ниту кондицијата и набргу тие ќе изостанат од трката што сега се изведува за неговиот живот. И набргу ситуацијата наполно се измени. Во далечината пред себе здогледа двајца, тројца тркачи, а во исто време, обѕрнувајќи се кон гонителите, откри дека тие мошне заостануваат назад и дека соочени со својот неуспех да го настигнат, ќе се откажат од неговото гонење и ќе се повлечат кон бегство. А беше убеден дека правдата ќе ги стигне. Во првата пригода ќе го пријави убиството кај надлежните органи.

Го задржуваше темпото на забрзување за да ги настигне другите маратонци и да има друштво при непредвидлив тек на настанот. А тоа набргу се покажа корисно, зашто пред една кривина повторно ги забележа натрапниците, за кои веќе поверува, во мигот кога изостанаа од видикот, дека се повлекоа и се откажаа од гонењето. Очигледно стравот дека ќе бидат предадени од тој што ги затекна во извршување на злосторството силно ги преплашуваше и цврсто решиле да ја отстранат таа закана. Сега опасноста кон него се зголемуваше. Гонителите го скратуваа растојанието што ги одвојува, му се приближуваа. Грабнале од некаде велосипед, а теренот беше погоден за возење. Малко Јанин секавично пребара низ просторот каде што ќе го попречи нивното напредување, и поразен во сознанието дека не открива такво место, благата стрмнина во околината не беше таква пречка што ќе ги оневозможи гонителите да го возат велосипедот, единствен излез виде во здружувањето со маратонците пред себе, кон кои се кратеше растојанието што ги одвојува. Кога ќе е меѓу други луѓе, гонителите нема да се осмелат за напад, тоа би било веќе пред нови очевидци. Ако биде нападнат, сигурно маратонците и колегијално ќе му притекнат во помош. Колку и да посакуваат да се задржат на својата цел без да губат од времето за трката, ќе ги наведе чувството дека се загрозени и тие од овие неочекувани напаѓачи, кога кај маратонците и нејасен е мотивот за нивниот напад.

Гонителите, несфатливо за него, не се откажаа. Беше во дилема, дали да се задржи во друштвото со другите или да извлекува екстра сили и да се обидува да им избега. Гледајќи како прикриено ги топорат ножевите, нешто што другите маратонци не го забележуваа, а тој го има во јасна слика, стравот преовладеа и го прогони да се спасува со оддалечување, со бегство. А случајно, токму таа страна му беше отворена по која водеше патеката на маратонот.
Една тумбеста височинка, преслап, му даде повторна надеж дека тука ќе изостанат и, веројатно, ќе се откажат од гонењето. Ќе се повлечат. И, повеќе не ги здогледа зад себе. Тоа му даде време поопуштено да се пробива низ сега шумовитиот терен и малку да потсобере душа зашто бегањето, во кое вложуваше максимално сили, и стравот, кој парализирачки влијаеше на моторните способности, видно го истрошија.

Не беше наполно ослободен од стравот. Дрвјата го затвораа видикот, од една страна со тоа можеше да смета на своја прикриеност, но од друга страна се откриваше како пред себе демне и ја следи појавата на дрвјата да не биде изненаден од напад.
Шумата ја мина и пак излезе на голина. Гонителите не се појавија. Беше очигледно дека се откажале. Не му беше сфатливо зошто сè уште не го пристигнале другите маратонци, кои во едно време беа пред него. Гонет од гонителите ги престигна. Но не е веројатно дека толку им се оддалечил. Го исплаши таа црна мисла, да не настрадале сега тие од убијците. Тоа му внесе уште посилен немир и многу често се обѕрнуваше зад себе со надеж да ги види нив, маратонците. А ги виде, што не сакаше да ги види, гонителите. Сега јурејќи кон него качени на мотор. Во миг како да почувствува некој стег и згрчување во мускулите на нозете и срцето како позабрзано да започна да чука. Потоа доби надојдена сила, ја извлече од некои тајни, прикриени комори што акумулирале за спас на животот и продолжи по насоката каде што трчаше, пак бегајќи од напаста. Не беше утешен дека ќе им избега. Моторот што нив ги носеше имаше поголема брзина. Но Малко Јанин, се виде, го држела поголема среќа. Кога се обѕрна да го процени растојанието меѓу него и гонителите, ги виде како лежат на земјата, отфрлени од моторот. Моторот беше превртен понастрана од нив.

Малко Јанин не гледаше шанса за опуштање. Не можеше да ја открива нивната состојба и дали во следниот миг нема да поскокаат од земјата и повторно со моторот да тргнат во гонење. Му остануваше да задржи присебност, со сета сила, енергија и моќ да продолжи да го трча маратонот, кој му стана маратон на неговиот живот, од кој му постанаа зависни неговата опстојба и неговото живеење. Веќе не беше тука за да се натпреварува на некаква трка, туку беше тука да го извлече животот од смртоносната закана. Оваа трка беше многу повеќе од трките што ги имал. Колку поразретчен од тркачи го гледаше патот пред себе, толку позабрзано настојуваше да приближува кон целта каде што ќе се изгуби меѓу луѓето и наполно ќе ја скрие својата трага од гонителите. Ги настигна последните маратонци што ги имаше пред себе ама не беше убеден дека продолжувањето со нивното темпо во трката, што ќе му обезбеди друштво, ќе му обезбеди и сигурност. Единствената цел за него остануваше што поскоро да ја заврши оваа трка. Само на крајот од неа може да дојде безбедноста.

Веќе пред него се отвори целта, која се препознаваше по збирот на шаренило од луѓе и предмети и најсилно се заплаши од изневера на надежта, во тој краток миг од долгиот маратон да не се изменат нештата и да му се помеша судбината. Погледна назад да открие дали го дофаќа спасот. При целосно истрошена енергија, почувствува олеснување. Од далечината настигнуваа маратонците по него, и во далечината, до каде што отвораше окото немаше движење што носи закана.
Веќе не трчаше. Не одеше. Не мируваше туку слезен по земјата се довлекуваше кога снажни раце го подигнаа од тлото, го поставија на нозе и во мигот кога требаше да ја искаже радоста на победник, се олабави и се собра без да извлече сили за одбрана. Се виде во рацете на убијците на девојката. Немаше сили ниту за глас со кој ќе побара помош. Само можеше да види. Со широка насмевка му идеше во пресрет мртвата девојка.
Кога беше во нејзината прегратка ја имаше изгубено свеста.


Петре Димовски (1946 г. Брод, Битола) од 1966 до 1969 г. бил печалбар во Австралија. Во 1975 г. дипломирал на Филолошкиот факултет. Работел како референт за компјутерска обработка на податоци, лектор и новинар. Моментално работи како професор во Битола. Почнал да го објавува и го уредувал списанието за литература „Раст“. Автор е на повеќе дела: збирките раскази „Преломи“, „Жед и жештини“, романите „Пламенка“, „Резервна тајна“, „Крилја“, „Сонце во ќелијата“ и др. Добитник е на наградата „4 Ноември“, наградата на Фестивалот на монодрамата за монодрамите, наградата „Тренд“, „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, а бил и неколкупати награден на Конкурсот за расказ на „Нова Македонија“.