Во октомври ќе бидат објавени петте најдобри британски музеи

47

СВЕТОТ Е СЦЕНА

Во Велика Британија парите од различни награди во областа на културата и уметноста се делат меѓу финалистите. Ланската есен, наградата за книжевност „букер“ ја добија двајца писатели, а четворицата финалисти за наградата за современа уметност „тарнер“ инсистираа на тоа сите да го поделат наградниот фонд

Фондот на уметноста на Велика Британија го менува форматот на наградата „Музеј на годината“ за изданието за 2020 година како одговор на предизвиците поради затворањето на институциите поради коронавирусот. Наградниот фонд е зголемен од 140.000 на 200.000 фунти, што го прави најголема светска награда за музеи.

Втора голема промена е што оваа година нема да има само еден победник, туку пет музеи ќе ја поделат наградата на еднакви делови. Оваа промена ги следи скорешните случувања во Велика Британија, каде што парите од наградите се делат меѓу финалистите. Ланската есен, наградата за книжевност „букер“ ја добија двајца писатели, а четворицата финалисти за наградата за современа уметност „тарнер“ инсистираа на тоа сите финалисти да ја поделат наградата. Годинашната награда „тарнер“, за жал е откажана поради пандемијата.

Пријавите за доделувањето на наградата „Музеј на годината“ се затворени на 13 февруари, еден месец пред целосното глобално затворање. Финалистите требаше да бидат објавени во април, а церемонија на доделувањето требаше да се одржи во јули. Распоредот е изменет, па петтемина добитници ќе бидат објавени на 12 октомври.
Иако инаку жирито ќе патуваше и ќе ги посетуваше сите музеи што се натпреваруваат, Фондот на уметноста кажа дека оваа година тоа нема да биде можно. Музеите ќе бидат оценувани врз основа на апликациите пред пандемијата.