Во зависност на која скала си таков ти е хоризонтот

133

Не постои тој момент во кој сликарот знае кога ќе ја открие вистината. Тоа е оној двигател што авторот го тера да оди далеку, подалеку од сопствените сознанија и чувства, вели Киро Урдин

Киро Урдин, сликар

Животот на академикот Киро Урдин се отсликува во неговите уметнички дела, во фотографиите што ги снима насекаде на планетата, во документарните филмови што ги прави на најнедостапните места, во афоризмите и книгите што ги пишува. За него, иако постојано патува, Македонија е местото што го нарекува дом, негова вечна инспирација, точката на која постојано ѝ се враќа.

Според вас, уметниците се најслободни личности, бидејќи ја имаат привилегијата да размислуваат различно од другите, но и од самите себе…
– Постојано барам нови патишта, па дури тие да се полоши од претходните. Секоја слобода бара големи жртви, но и храброст да се каже своето мислење, кое понекогаш се коси со општоприфатените норми, а некогаш таа и се злоупотребува на разни нивоа. Но сето тоа е дел од животот. Не треба да се оди по сигурни патеки, тогаш нема напредок. Уметникот не смее да прави компромис. Тој или верува во она што го создава, чисто без калкулации и комбинации, или не. Уметноста е како голем дијамант, кој колку и да се потиснува, повторно ќе исплива на површина.
Целиот универзум се состои од многу точки, дали во тој контекст го ставате и планетаризмот, движење чиј основач сте?

– Токму ова е темата на мојата нова книга, која ја пишувам веќе осум години. Универзумот е оска и низ неа минува сѐ, материјата, духот, историјата. Во таа оска има и љубов и смрт и раѓање и живот, но само уметноста најсуштествено говори за човекот и неговото постоење. Таа е врвна креација и постојано се менува. Планетаризмот, пак, е една точка насекаде, сите точки во една. Ова движење го започнав како сликарско платно со површина од 48 квадратни метри, а потоа се разви во еден уметнички глобален проект, во кој ги вклучив и фотографијата, филмот, литературата, филозофијата, балетот и некои други форми.

Велите светот стана вода и оган, поплава и пожар. Дали, според вас, човештвото во моментот е во голема криза?
– Во овој драматичен миг за човековата историја, кога ледената површина на Антарктикот станува копно, кога температурите злокобно нѐ потсетуваат дека наскоро планетата Земја може да ја наречеме планета пожар, очигледно е дека сѐ тргнало наопаку.

Се разбира, режисер на оваа драма е човекот, раководен од својата алчност и мегаломанство. Сите религии нѐ учат да правиме деца, но Земјата не може веќе да го поднесе тоа. Животните наскоро ќе треба да станат птици зашто нема да имаат каде да се движат и што да јадат. Земјата се претвора во купишта смет. Со филмска брзина сѐ се уништува, се облекува во цивилизациската униформа, која го униформира и духот. Човекот е чудна машина на злото, затоа што се уништува самиот себеси. И нема веќе кочници во неговите раце. Ѓаволот (парите) го уништува човечкиот дух. Знаеме каков ќе биде крајот на светот, ама не знаме каков ќе биде новиот почеток.
Дали племињата во Африка, за кои снимивте неколку филма, се свесни за новото време?
– Тие се последните Мохиканци на сегашната цивилизација. Но старите обичаи, чувани со векови, полека бледнеат. Сепак, не смееме да заборавиме, највисоката уметност почнала во Африка. Кога луѓето уште не знаеле што се анатомија, пигмент, перспектива, но имале, експресија, неизвесност, енергија, сѐ има во тие примитивни слики. А дијамантот е најубав кога е во земјата, неизбрусен. Треба да се почитуваат фундаменталните работи во секоја професија.
Дали раѓањето на секоја нова слика, каде било да се случува тоа, за вас е и нов почеток?
– Секоја слика ја почнувам од ништо, а во текот на сликањето ме води некој инстинкт, некое чувство. Се движам кон таа резултанта, која се вика слика, и сметам дека постои паралела меѓу животот и сликарството. Не постои тој момент во кој сликарот знае кога ќе ја открие вистината. Тоа е оној двигател што авторот го тера да оди далеку, подалеку од сопствените сознанија и чувства.
Сцената кога во Ерусалим ја запаливте сликата „Планетариум“ во истоимениот филм, е толку искрена, толку трогателна. Дали тој миг ја допира суштината на животот и на уметноста?
– Да, го запалив платното во Ерусалим на 6 ноември 1996 година. Станав изутрината во 4 часот и почнав да чекорам. Одев по старите камени коцки и си велев, колку ли тајни кријат тие. Одев, одев и несвесно се најдов пред црквата каде што гробот на Исус Христос. Прв бев, ме пуштија внатре. Над мене беше крстот на синот божји, распнат и вечен. Преку чадот на свеќите како да лебдеше болката на Голгота. Потоа поминав покрај Ѕидот на плачот. Воздухот во Ерусалим мирисаше на вечност. Ми надојде чувство слично на претскажување. Сфатив дека моето дело „Планетариум“ треба да го запалам во вечниот град, за да го воскреснам духот на новата рожба. Го бакнав гробот и почнав да плачам, плачев со часови. Се вратив назад кај екипата и велам ќе го запалам платното. Се обидоа да ме разубедат, но попусто. Зедов бензин и го попрскав, дувна ветер и го носеше пламенот накај мене. Имаше некоја сила во сето тоа. Одеднаш забележавме како од подножјето на ридот кон нас доаѓа полициско возило.

На брзина го изгаснавме огнот, ја замотавме сликата и си отидовме. Во текот на снимањето на „Планетариум“, каде и да одев наидував на проблеми, но успеав да влезам секаде, зашто верував во себе.
Кажете ни нешто повеќе за вашиот нов филм „Живот и смрт“?
– Неодамна го завршив филмот „Живот и смрт“, чиј сум комплетен автор, како и на повеќето филмови досега.

Владимир Петровски-Картер е монтажер и звучен дизајнер, музиката и овој пат е на Венко Серафимов, мој постојан соработник. Бранд Феро беше зад камерите. Филмот се снимаше во Кенија и во Танзанија, го правев 8 години. Тоа е приказна за пријателството меѓу едно гну е еден бафало. Се раѓаат во непосредната близина, во пределите на Масаи Мара, во Кенија, им се мешаат стадата и стануваат пријатели. Кога ќе пораснат, секој оди по својот животен пат. Времињата минуваат, инстинктот на смртта го води бафалото кон брегот на реката Мара, со надеж дека последен пат ќе го види гнуто. Но само пред неколку часа тоа веќе умрело, а бафалото истиот ден умира покрај него. Емотивна приказна за едно големо пријателство, мислиш тоа се луѓе, а не животни.
Вашата ќерка Дона, која и самата се занимава со уметност и е доста успешна, е дел од вашите слики, поточно во „Планетариум“, уште пред да прооди.
– Никогаш не помислував дека ќерка ми Дона ќе биде уметник. Секој што има дете знае дека тоа е сублимат, историска шанса, да ја допре сопствената структура на душата. Животот сакаше во „Планетариум“ и таа со малите ножиња да остави трага со боја. Досега ретко сум ѝ дал некој совет, само ѝ реков: „Биди тоа што си и не слушај ме, слушај се самата себе“. Изненаден сум и фрапиран од она што го постигна. Ѝ велам да продолжи да истражува и на тој пат постојано нешто да открива. Но мора многу да се внимава бидејќи многу лесно може сѐ да се упропасти со желбата за успех и пари. Впрочем, во зависност на која скала си таков ти е хоризонтот.
Познат сте како човек со многу интереси, а своевремено сте биле и дел од редакцијата на „Нова Македонија“? Какво е вашето мислење за денешното новинарство?
– Денешното новинарство е во голема криза. Мора да постои култура на јазикот, мора да има одмереност, да не се посочува со прст кон некого без причина. Јас кога бев новинар во дневниот весник „Нова Македонија“, од 1971 до 1973 година, се сеќавам, со колегите со кои ја делев канцеларијата, Панде Колемишевски и со Златко Блаер, имавме свесност и знаевме дека не можеш што ќе ти падне на памет да пишуваш. Слободата на изразот не е слобода за употреба на лошиот збор. Зборовите оставаат траги, а лошиот збор последици.
Дали како креативец успевате да се дистанцирате од политиката, ви пречи ли сегашната атмосфера во нашата држава?

– Многу ми пречи, ме уништува. Сево ова што се случува, што се пишува и прикажува во медиумите е доказ дека никој не ја знае добро историјата. Ние грешиме, си направивме непотребни непријатели. Треба да се остави секој да се занимава со сопственото огниште. Сите политичари треба да разговараат, време е конечно да дојдеме до политичка зрелост.

Не е нормално на сите главни позиции да се ставаат луѓе по непотизам. Меѓународниот фактор гледа страшен вакуум, луѓе без политичко искуство на круцијални места, на кои се одлучува судбината на земјата и се прават погрешни потези. Никогаш не се тргнува од тоа дека прво ние грешиме, а не меѓународниот фактор. Од друга страна, нашето соседство, кое веќе 200 години нѐ асимилира, уништува и прогонува, во последно време нѐ тера насилно да си направиме сопствен фалсификат што е неприфатливо. Сета чест за Југославија, Тито и придобивките од НОВ, но јас никогаш не се чувствував Југословен, туку Македонец. Но сега имам чувство дека сѐ е дозволено, само изгледа не е дозволено македонскиот човек да се чувствува како Македонец!

Дали подготвувате нова, спектакуларна изложба некаде на планетата?
– Да, се подготвува нешто големо, нешто речиси невозможно. Имам фикс-идеја, сакам да направам перформанс, со масло да насликам 100 големи слики во исто време, платното би било долго 300 метри. Имам желба да го направам тоа во Њујорк или во Шангај, големи градови со силна енергија. Да се направи големо дело е потребен силен нагон, а јас чувствувам желба да го сторам тоа.