Во рамките на седмото издание на фестивалот на европската литература „Букстар“, денеска, со почеток во 19 часот, ќе биде претставена книгата „Под двете сонца“ од авторот Огнен Спахиќ од Црна Гора. Книгата ќе ја промовира Оливера Ќорвезироска, а модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски.
По оваа промоција ќе бидат претставени и книгите „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, „Од устата на китот“ и „Сината лисица“ од гостинот од Исланд, Сјон. Промотори на неговите книги ќе бидат Владимир Мартиновски и Јулијана Величковска. Последен настан на оваа фестивалска вечер е промоцијата на книгата „Сведокот“ од Балсор Хоџа, гостинот од Косово. Неговата книга ќе ја претстави Александар Маџаровски. Сите промоции ќе се одржат во киното „Фросина“ при МКЦ.
Во рамките на „Букстар“ ќе бидат организирани и неколку книжевни дискусии на кои ќе присуствуваат некои од авторите гости заедно со македонски претставници од светот на книжевноста. Во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот полски автор и футурист Станислав Лем, денеска, во 17 часот, ќе се одржи настан на кој за научната фантастика и влијанието на Лем врз светската книжевност ќе дискутираат: Милица Миркуловска, Ивица Дукоски, Зоран Милошевски и Владимир Симовски, а ќе се вклучи и Виктор Јазневич од Белорусија, приредувач на книгата „Светот на Станислав Лем“. Модератор на настанот ќе биде Александар Маџаровски.