Бугарскиот писател Николај Бојков престојуваше во Скопје

367

Писателот од Бугарија, Николај Бојков, во ноември престојуваше на книжевна резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Во рамките на престојот, Бојков се запозна со книжевната сцена во Македонија, оствари средби со неколку уредници од издавачки куќи, а особено е важно да се истакне дека направи превод од македонски на бугарски јазик на прозни текстови на неколку македонски автори, меѓу кои на Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Ѓорѓи Крстевски, Иван Шопов итн.
Николај Бојков е поет, прозаист, преведувач, публицист и литературен критичар. Роден е во 1968 година во Видин.

Завршил унгарска филологија и од 1998 до 2005 година работел како професор по унгарски јазик и литература на Универзитетот во Софија. Во 2000 година ја објавува својата прва поетска збирка „Метафизика“. Потоа следуваат поетските збирки „Песни со биографија“ (2003) и „Изјаснет во љубовта“ (2005). Во 2006 година го објавува епистоларниот роман „Писма до Петер“, а во 2010, „Книга на животот“. Негова најнова книга е „101 посвета“ (2019)
Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.