Брак од интерес или совршен споj

129

На прв пoглед би можело да се каже дека врската меѓу уметноста и бизнисот е особено циничен брак на убавица без мираз и богат спонзор. Но ако сакате да бидете икона на своето време како Стив Џобс, богати и гламурозни креатори на новиот стил како Чарлс Сачи или засекогаш запаметени како Ендрју Карнеги, учете од уметниците, вложувајте во уметност

Врската меѓу уметноста и бизнисот

Сите знаеме зошто на уметноста ѝ е потребна поддршка од бизнисот, корпорациите, брендовите или богатите донатори во услови на сѐ подрастични намалувања на државните фондови нaсекаде во Европа. Поради новите економски услови, со фрагментација на публиката и огромната понуда на забавни содржини, положбата на институциите од културата, на уметничките проекти и уметници, станува незавидна и ризична, така што e сосема јасно дека им е неопходно да пронаоѓаат нови начини на финансирање. На прв поглед може да се каже дека врската на уметноста и бизнисот е особено циничен брак на убавица без мираз и богат спонзор. Но ако малку подобро се загледаме, ќе видиме дека не е сѐ онака како што изгледа на прв поглед.
Уметноста, ако ја набљудуваме одвоено од индустријата на забавата (како што се на пример Холивуд, Бродвеј, Сирк д Солеј, популарната музика, телевизиските програми итн.), никогаш не можела да опстане без поддршката на успешните и богатите бизнисмени. Тој дел од спојот меѓу уметноста и бизнисот на сите им е јасен. Но зошто бизнисот би ја поддржувал уметноста?

Убавината е битна. Што ќе ви е калиграфија кога имате компјутер?
Одговорот е едноставен: за да направите најдобар компјутер на светот. Кога Стив Џобс ги напуштил студиите, за да си го исполни времето запишал курс по калиграфија. Познавањето на таа стара уметност на пишување го инспирирало да го промени дизајнот на своите компјутери, кои потоа поради својата убавина и едноставност го освоиле светот. Стив Џобс ги создаде компјутерските икончиња, благодарение на уметноста на убавото пишување.
Уметноста е бизнис. Зошто да го вложувате своето богатство во непознати и неразбирливи уметници?
Одговорот е очигледен: за да го зголемите! Чарлс Сачи, како голем љубител на модерната уметност, со години купуваше непознати британски уметници. Потоа, знаејќи како да го креира пазарот, го употреби својот маркетиншки и претприемачки гениј и од нив создаде суперѕвезди, најславни и најскапи современи уметници, како Дејмиен Хрст, со што засекогаш го промени пазарот на модерната уметност, остварувајќи притоа неверојатен профит за самиот себе како нивен прв колекционер и преобразувајќи се во еден од највлијателните луѓе во светот на современите визуелни уметности. Љубовта кон уметноста е добра работа.

Претприемачите го создаваат она што уметниците го сонуваат. Што можат инженерите да научат од Пикасо?
Одговорот е: едноставност. Универзитетот „Епл“, кој е наменет за вработените во „Епл“, е најтаинствениот универзитет на светот. Ниту на студентите ниту на предавачите на овој универзитет (професори од „Харвард“ и од „Јејл“, врвни научници, нобеловци, светски познати уметници) не им е дозволено јавно да говорат за оваа школа ниту за нејзината програма. Сепак во „Њујорк тајмс“ од анонимни извори „протекло“ дека еден од годишните курсеви на оваа школа е посветен на проучување на Пикасо. Поточно на неговата студија на делото „Бик“, која започнува со реалистична и детална слика на бик, а завршува со апстрактен цртеж во кој и понатаму се препознаваат сите неопходни контури на познатиот „Бик“. Значи од многу детална слика до „идејата“ за бикот. Предавањето им е наменето на дизајнерите и на инженерите од кои се очекува на ист начин да размислуваат при креирањето на новите епл-производи: ослободувајќи се од непотребните детали за да дојдат до вистинска убавина и едноставна функционалност, што е основа на сите епл-производи.

Бизнисите доаѓаат и поминуваат, уметноста е вечна. Зошто библиотеките се поважни од фабриките?
Еден од најголемите индустриски магнати на сите времиња бил Ендрју Карнеги. Но ние живееме во постиндустриска доба и денес многу малку луѓе може да се сетат со што всушност се занимавал Карнеги. Па, бил магнат на челик. Но индустријата на челикот не е веќе водечка индустрија на нашето време. И Ендрју Карнеги би бил и одамна заборавен, како и поголемиот број богати луѓе од неговото време. Денес сите го знаат името на овој некогаш моќен човек и тоа не поради неговото богатство и челик туку поради „Карнеги хол“ и библиотеките што ги изградил низ Америка и светот.
Значи, ако сакате да бидете икона на своето време како Стив Џобс, богати и гламурозни креатори на новиот стил како Чарлс Сачи или засекогаш запаметени како Ендрју Карнеги, учете од уметниците, вложувајте во уметност.