Боро Митриќески остави незаборавни дела

622
Боро Митриќески, „Самуиловите војници“, 1994, дрво

Меѓу 350-те дела што ги создаде препознатливиот портретист во македонската современа уметност е и портретот на Танас Луловски-Тане

Крајот на оваа јубилејна година, кога Националната галерија на Македонија прославува 70 години постоење, го одбележа и заминувањето на еден од најзначајните претставници на современата македонска уметност, скулпторот, академик Боро Митриќески. Тој почина на 91 година, на 24 ноември во Скопје, каде и што живееше и создаде најголем број од 350-те свои дела (фигури, актови, композиции, торза, портрети и др.). Македонската академија на науките и уметностите, чиј член беше и во чиј изложбен салон во мај 2017 година Боро Митриќески-Митрич ја имаше и својата последна ретроспективна изложба по повод 90-годишнината од неговото раѓање, истакна дека делата на Митриќески „претставуваат трајна вредност и наследство во македонското вајарство, од изминативе шест децении“.

Боро Митриќески, кој се смета за еден од реформаторите на домашното пластично скулпторство, беше роден во Прилеп, а Уметничка школа завршил во Скопје, каде што првите познавања за скулптурата ги добива од професорот Димо Тодоровски. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во 1954 година, во класата на скулпторот Вања Радуш. Извесен период работи како ликовен педагог во основното училиште „Даме Груев“, по што продолжува да твори како слободен уметник. Од 1979 до 1987 година беше директор на уметничката галерија „Скопје“, денешна Национална галерија на Македонија, функција на која и се пензионира. За своето вредно творештво, од кое дел е поставено и на јавни простори во Македонија, но и во Оронско, Полска, Боро Митриќески е наградуван со значајни награди и признанија, меѓу кои се и првата југословенска награда за изведба на споменикот „Св. Кирил и Методиј“, наградите „11 Октомври“, „Нерешки мајстори“ и други.

– Боро Митриќески е скулптор што не почитува експеримент заради експеримент. За него не е пресуден современ израз по цена на „губење на својот идентитет“ тенденциозно стремејќи се кон станување активен сочинител на „модерниот или постмодерниот“ ликовен хабитат на македонската ликовна сцена. Тој е пред сѐ искрен, примордијален, наивен и кон животот, а особено кон уметноста. Оттука, континуитетот во неговиот скулпторски израз, без големи отклони и смели експерименти, е печат на неговата специфична препознатливост – ќе напише кураторката Ана Франговска во каталогот за ретроспективната изложба на Митриќески, одржана во „Даутпашиниот амам“ во 2011 година, која наедно беше и последна негова изложба во Националната галерија на Македонија.

Боро Митриќески, Портрет на Танас Луловски-Тане, 1982, дрво

Според неа, генерациски, Митриќески е паралелен со нашите значајни скулптори Петар Хаџи Бошков и Јордан Грабулоски, но, за разлика од нив, кои мошне смело навлегуваат во длабока елаборација и индивидуално толкување на светските современи пластични егзегези во апстракцијата како стил и металот како медиум, Митриќески останува нем на овие предизвици.

– Тој останува ефемерно врзан со занаетската-академска подготвеност, давајќи свои „иницијали“ во останувањето доследен на антропоморфизмот во сижејната обработка на материјалот. Боро останува препознатлив портретист во македонската современа уметност, продуцирајќи голем број портрети во кои основната карактеристика не е физичката сличност со моделот (иако и таа е од особено значење при пресек и сондажа на творечкиот залог и аксиома на творештвото на Боро Митриќески), туку психолошката и онтолошка карактерност на портретираната личност (без оглед дали станува збор за современик или историска личност) – пишува во каталогот за изложбата Франговска.

Еден од неговите незаборавни портрети е и портретот на сликарот Танас Луловски-Тане, чија ретроспективна изложба ќе биде отворена во „Даутпашиниот амам“ на 20 декември.


Изложбата „Почетоци за паметење“ во „Даутпашин амам“

Вечерва, со почеток во 20 часот, во просториите на „Даутпашиниот амам“, ќе се одржи отворање на изложбата насловена „Почетоци за паметење 1948-1956“ (изложба од архивата на Националната галерија на Македонија), која се реализира во рамките на одбележувањето на јубилејот „Седумдесет години Национална галерија на Македонија“
На изложбата ќе бидат претставени 150 листа оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година, кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.
Ова претставува потсетување за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот што ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции, кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и да биде двигател на културниот живот во Македонија.