Борис Трајанов и Весна Ѓиновска Илкова во „Магбет“

36

Националната опера и балет ја најавува изведбата на операта „Магбет“, на 21 февруари, со почеток во 20 часот. Оваа драма, можеби една од најзначајните на Шекспир, ги отвора прашањата за човековата психологија, алчност и желбата за власт, кои го уништуваат здравиот разум. Ова е оперското дело со кое Џузепе Верди воспоставува уметничка врска со Шекспировите драми, па правејќи голем број исклучоци од традиционалната италијанска опера и промена во личниот музички израз, ни ја претставува приказната за деструктивноста на човековата природа, преку главните ликови на Магбет и Леди Магбет.

Состојбата на нивниот дух, која носи фатални последици и загрозува многу човечки судбини, на сцената на Националната опера и балет ќе ја донесат првенците Борис Трајанов и Весна Ѓиновска Илкова. Диригентската палка овој пат е во рацете на маестро Диего Гарсија Родригез од Шпанија, кој не ја крие возбудата за овој негов дебитантски настап пред македонската публика, на сцената на Националната опера и балет.

Во другите улоги настапуваат: Александар Стефаноски, Никола Стојчески, Катерина Митева, Дејан Стоев, Диме Петров, Борко Биџовски, Марко Гапо, Димитар Кожухаров, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет. Режисер е Марко Спада (Италија), сценограф Мауро Тинти (Италија), костимограф Раде Василев, кореографка Олга Панго.