Без уметност немаше да биде лесно седењето дома

207

Горан Костовски, графички дизајнер

Делата на графичкиот дизајнер и уметнички директор Горан Костовски-Индог секогаш се во функција на некаква помош или пренесуваат порака, а за време на пандемијата на коронавирусот тој презентира и нови илустрации, како и поткасти за слушање. Негово творештво е присутно во глобалната кампања на ОН за корона-кризата, како и во проектот „Култура во време на корона“.
– Ме порази себичноста како и секогаш. Одговорноста да си човек е сериозна работа, за жал, многу малку луѓе знаат што значи сето тоа, но сѐ уште верувам дека ќе се случат некое будење и освестување. Можеби мојата желба и надеж се некоја утопија во денешно време каде што животната средина е целосно небитна, а и човековите права се газат секој миг, меѓутоа тоа е нов подвиг за нешто да се менува – вели Костовски.

Кога лани, во јануари, во галеријата „Акантус“ со изложбата „Селебрејт лајф/емоции за еден град“ привлековте внимание кај публиката, а на улиците поради загадениот воздух веќе имаше и луѓе со маски, сигурно не ни помислувавте дека годинава ќе создавате илустрации и за време на пандемија на коронавирус. Како графички дизајнер и илустратор, како го доживувате овој период?
– Реалноста е онаа што свесно или несвесно ја живееме, а за мене е инспирација. Во „Емоции за еден град“ само го нацртав сето она што со години е проблем и за кој се надевам дека ќе станува сѐ посериозна и посериозна тема. Воздухот во голема мера е нешто што навистина ни недостига и мораме сериозно да го разбереме сето тоа! (за мене е сѐ уште незавршена тема). Маските се нашето секојдневие и заштита веќе. Не помислував искрено дека ќе станат, но, ете, тие се! Моите дела се секогаш во функција на некаква помош или пренесуваат порака, па така и оваа пандемија кај мене ја отвори креативноста. Се случи глобален целосен карантин и тоа беше супер можност за работа на себе и за уметност. Го имавме целото време на светот да правиме што сакаме и колку сакаме во нашите домови. Да не романтизирам, имаше кризни моменти што беа навистина тешки, меѓутоа сето тоа вроди со суперплодна уметност. Сумирано, овие месеци беа суперпродуктивни за мене.

Што ве изненади најмногу за време на актуелнава пандемија кај граѓаните на Скопје каде што и живеете, но и воопшто кај жителите на планетата Земја, со оглед и на тоа дека сте поборник за заштитата на животната средина и за заштитата на човековите права?
– Ме порази себичноста како и секогаш. Одговорноста да си човек е сериозна работа, за жал, многу малку луѓе знаат што значи сето тоа, но сѐ уште верувам дека ќе се случат некое будење и освестување. Можеби мојата желба и надеж се некоја утопија во денешно време каде што животната средина е целосно небитна, а и човековите права се газат секој миг, меѓутоа тоа е нов подвиг за нешто да се менува. Сакам да верувам, а и познавам, постојат свесни и добри луѓе. Не сме сами на светот и не го управуваме. Природата почна да го враќа сето она што со години ѝ го нанесуваме и ја уништуваме и, за жал, работите не се одвиваат добро. Или ќе се освестиме или комплетно ќе одиме во пропаст. Буквално никој не е имун!

Создадовте и презентиравте нови илустрации, но и поткасти за слушање преку кои мошне успешно го презентирате својот авторски поглед на корона-секојдневието. Внесувате оптимизам во време кога бројот на заразени и починати сѐ уште е меѓу главните вести. Внимававте ли сега повеќе од претходно на содржината на пораките во вашите дела и настапи, „Свест, колективна мизерија“ е една од нив?
– Да, интересно е што по 13 години се вратив во етер, но овој пат во форма на поткаст, снимив 22 епизоди со супер соговорници. Факт е дека самоизолацијата не влијаеше кај сите добро, па затоа и главна тема на #селебрејтлајфподкаст беше менталното здравје и како луѓето го поминуваат времето низ сето тоа. Да не генерализирам, но, според тоа што го гледав на интернет и дискутирав често, мојот впечаток е дека дел од луѓето беа осамени и овие епизоди им беа вистинско друштво низ себеизолацијата. Јас се инспирирам преку сето она што се случува, меѓутоа секогаш гледам низ некоја друга призма, па дури и кога е најтешко. Ситуацијата не е воопшто добра, јас само давам една надеж преку моето творештво. Некогаш сум директен и суров, разочаран, но секогаш се трудам да творам за подобро утре. Поради немањето свест отидовме во колективна мизерија или, пак, сѐ уште има надеж? Слушајте ги препораките од здравствените работници, мијте раце, држете дистанца, не групирајте се и носете маски, аман луѓе.

Ваши дела се дел од глобална кампања на ОН за корона-кризата, а во рамките на градскиот проект „Култура во време на корона“ ја имате и виртуелната изложба „Селебрејт лајф во изолација“. Што презентирате таму и дали во меѓувреме продолживте да творите?
– Интересно беше сето тоа кога еден ден стигна ознака (таг) од глобалната кампања #хелпбајдизајн на уметничкиот директор на „Кока-кола“ – Џејмс Сомервил. Пријатно изненадување беше објавувањето и да се прочита од него и неговиот тим дека моите илустрации комуницираат со поинаков и уникатен стил и дека се изразувам безвременски, но и дека знам да пренесам одредена порака. Илустрациите беа објавени како дел од кампањата на ОН за пандемијата на ковид-19. „Селебрејт лајф во изолација“ беше емотивната страна на изолацијата и пандемијата. Генералната идеја беше да се пренесе порака за свесноста кон ова што ни се случува, како и себезапознавањето и прифаќањето, љубовта кон себе во овие мигови. Виртуелната изложба се погоди во вистински момент за да биде испрезентирана. Сѐ уште творам на темата здравје, а оваа изложба во подобри времиња ќе биде поставена и некаде физички, секако дополнета со дела што може да се погледнат на: www.indog.info.

Уметноста не знае за пандемија, со тоа се соочија и авторите и нејзините консументи низ светот, па таа исконска потреба најпрвин ја задоволуваа онлајн, а сега постепено и на вообичаените места каде што ја среќаваа и пред кризата. Како гледате на иднината на уметноста и воопшто на цивилизацијава со корона или без неа?
– Уметноста навистина го подобри животот изминативе месеци, без уметност немаше да биде лесно седењето дома. Се надевам дека луѓето разбраа колку е битна таа. Пандемијата донесе супер дела, иницијативи, акции, а сигурен сум и дека долг период ќе биде инспирација за сево ова што се случува. Не постои лошо или добро време за уметност. Иднината се покажа непредвидлива и не можам баш да кажам како ќе изгледа таа, искрено. Од една страна ми се допаѓа што сѐ стивна и ни даде простор за размислување, вреднување, а секако и ми помогна да разберам колку јас изолирано живеам од светот и целата таа токсична и непотребна енергија од надворешноста. Мирот со себе и здравјето е нешто најбитно за мене. Се надевам само дека ќе извлечеме некоја поука и ќе станеме подобри луѓе, бидејќи глупаво е да мислиш дека сите треба да се променат, а ти да останеш ист.