Артизам по мера на киногледачот

171
Кадар од филмот „Јојо зајче“

ШЕЕСЕТТИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО СОЛУН

Јубилејните изданија некако по правило се резервирани за класична променада на историски потсетувања и авторски имиња за сечиј вкус. Солунскиот фестивал годинава се одлучи за нешто поинакво

Специјално за „Нова Македонија“ од Солун: Стојан Синадинов

Кога сте соочени со предизвикот да организирате и реализирате јубилејно, 60-то издание на еден филмски фестивал, што ќе изберете? Гламурозна рамка? Инсистирање на историската димензија на фестивалот и потсетување на изминатите изданија? Поглед кон иднината на фестивалот и потрага по нов формат? Инсистирање на своевидниот „кураторски концепт“, со некоја генерална естетско-филозофска платформа за секое годишно издание – кој го воведоа двоецот Елис Жаладо и Орестис Андреадакис, челници на фестивалот последниве три години – наспроти класичната фестивалска формула „ред филмови на потврдени автори, ред ѕвезди на црвениот тепих“? Колку класичната кинопублика (ќе) го прифати артизмот, поблизок на ликовните изложбени салони?

Шеесеттото издание на Солунскиот филмски фестивал, кој се одржа од 31 октомври до 10 ноември и сè уште го држи приматот на најголем филмски настан во регионот, секако дека имаше акцент на неговата историја, но многу повеќе се задржа на промислувањето на новите предизвици во поглед на фестивалскиот концепт. А една константа по која е познат и препознаван Солунскиот фестивал е многубројната публика. Некој ја спореди дури и со своевидна „навивачка“ група што го следи фестивалот со сите негови мени и финансиски кризи последниве седум-осум години, нималку не опаѓајќи во бројноста: фестивалот годинава, покрај неговите шест киносали (четири на пристаништето кај фестивалскиот центар и две во „Олимпион“ на плоштадот „Аристотелис“), се прошири уште во три, па заедно со просторот во филмскиот музеј веќе ја стигна завидната бројка од десет локации за проекции на фестивалските програми.

Фестивалот беше отворен со гала-проекцијата на американскиот филм „Брачна приказна“, во режија на Ноа Баумбах (со Скарлет Јохансон, Адам Драјвер, Лора Дерн, Алан Алда, Реј Лиота), приказна за сведување на сметките од десетгодишниот стаж заедничко живеење на еден пар професионално ангажиран на бродвејските театарски сцени, тој како режисер, а таа како актерка во подем. Како и филмските фестивали во Кан и во Венеција изминативе две години, така и Солунскиот фестивал беше отворен со наслов во продукција на веќе сеприсутниот „Нетфликс“, па, ете, и дилемата за третманот на новите филмски платформи на водечките фестивали е решена овде во Солун. Фестивалот, пак, беше затворен повторно со американски наслов, „Јојо зајче“ во режија на Таика Ваитити, и повторно со Скарлет Јохансон во една од улогите (покрај Роман Грифин Дејвис, Томасин Мекензи, Сем Роквел). Сатирична сторија за десетгодишно дете Јојо, кое членува на нацистичката младина и „прима“ совети само од неговиот замислен пријател, и тоа Адолф Хитлер лично.

Неговите инфантилни, но сепак опасно индоктринирани фантазии за чистата раса, ќе се судрат во семејството, кога ќе сфати дека мајка му крие еврејско девојче од погромот…

Новите надежи

Меѓу традиционално „големите“ наслови на отворањето и затворањето на фестивалот, како и специјалните проекции на потврдените автори – меѓу кои и Џон Вотерс, Алберт Сера, Џоана Хог, Алехандро Аменабар, Марко Белокио, Рој Андерсон, Елија Сулејман, Малгоржата Шумовска, Џесика Хауснер, браќата Жан-Пјер и Лик Дарден – гледачите имаа можност да погледнат над 200 филма во десетина програми. Една од носечките програми, по која е препознатлив Солунскиот фестивал, секако е натпреварувачката, каде што учествуваат први и втори дела на авторите (а годинешното издание ја донесе новината да можат да конкурираат и трети наслови). Иако за вкусовите не се расправа, жирито во оваа програма (литванскиот режисер Ругиле Барзџиукаите, британскиот продуцент Жаки Дејвис, француската актерка Ариан Лабед, грчката актерка Ангелики Папулиа и германскиот режисер и куратор Виланд Шпек) одлучи дека најдобар филм е „Ќе има оган“, на шпанскиот режисер Оливер Лакс, кој ја доби наградата „златниот александар – тео ангелопулос“ (вредна 15.000 евра) за сторијата за бивш затвореник што се враќа во планинското село во Галиција. Како што сугерира насловот, над животот на главниот лик полн со гнев е надвисната сенката на трагедијата што не може да се избегне. Втората по ранг награда, „сребрениот александар“ и 8.000 евра, му припадна на бразилскиот филм „Треска“ во режија на Маја Да-Рин, чија приказна ситуирана во бразилските фавели за односот меѓу таткото (чувар) и ќерката (медицинска сестра, која сака да замине во Бразилија да студира медицина) е мешавина на фикцијата и документираната реалност.

Специјалната награда на жирито, „бронзениот александар“ за најдобра режија, ѝ припадна на Мелина Леон од Перу за „Песна без име“, трогателна сторија за потрагата на една Индијанка од Андите по нејзината ќеркичка, која исчезнува – всушност е украдена – од една лажна клиника. Најдобра актерка според жирито е Грета Фернандез од Шпанија за улогата во „Ќерката на крадецот“, сторија за самохрана мајка, која по долги години го среќава таткото. Најдобар актер е Амадор Ариас од наградениот филм на Лакс, „Ќе има оган“. Рековме дека вкусовите се различни, но и американскиот филм „Голтање“ на Карло Мирабела-Дејвис беше одличен наслов според многу критичарско-гледачки вкусови, особено поради брилијантната интерпретација на главната актерка Хели Бенет: таа ја игра младата бремена домаќинка, која навидум го живее американскиот сон од најголемиот интензитет – совршен и успешен сопруг, уште посовршен дом за живеење – но од потсвеста полека се појавуваат старите душевни рани од детството, кои не ѝ даваат мир; започнува со самоказнување, голтајќи опасни метални предмети, а продолжува со потрагата по несудениот татко…

Критичарите од Фипресци имаа сосема друг вкус. Кристин Ален од Норвешка, Хаувик Хабечијан од Либан и Димитрис Бампас од Грција одлучија дека најдобар филм е „Внимавајте на децата“ на норвешкиот режисер Даг Јохан Хаугеруд од интернационалната компетиција, како и „Опсада на улицата Липерти“ на Ставрос Памбалис од националната грчка селекција, кој ги собра и наградите на грчките филмски критичари и националниот филмски центар. „Внимавајте на децата“ е драма од предградието на Осло, каде што живее средната класа: вистинската социјална бура ќе почне кога ќерката на еден виден член на Социјалистичката партија не сакајќи ќе усмрти соученичка, ќерка на виден политичар од десницата… Филмот ја доби и наградата за човечки вредности на ТВ-каналот на грчкиот парламент.
Солунскиот фестивал веќе ја етаблира иницијативата, која изгледаше малку „шашаво“ кога беше промовирана пред неколку години – ВР-филмови, или филмови од виртуелна реалност. Годинава жирито на оваа програма (Симон Јохансен, филмски критичар и документарист; Бабис Макридис, режисер од новиот грчки бран; и Ирини Вијанели, режисерка на анимирани филмови) го награди „Патник“ на Изобел Нуелс од Австралија, а го истакна „Семејни портрети“ на Марија Мавропулу од Грција.

Новите визии

Кога сме кај наградите, Солунскиот фестивал годинава воспостави уште една натпреварувачка програма, насловена „Запознајте ги соседите“, во која учествуваат филмови на автори од регионот. Жирито, составено од режисерот Тарик Акташ, филмската критичарка Памела Биензобас и визуелната артистка Марија Кријара, во конкуренцијата од десет наслови, му ја додели наградата на Ала Един Слим од Тунис за филмот „Заматеност“ (парична вредност од 5.000 евра). Филмот на Слим е интровертна сторија за кризата на идентитетот на две личности, војник и трудна жена, неповрзани меѓусебно. Војникот не се враќа од отсуството што го добива поради смртта на мајка си, туку талка во некоја неодредена „ничија земја“, а жената живее осаменички живот во една луксузна вила, своевиден „златен кафез“: двете изгубени души ќе се сретнат по необична случајност…
Не смееме да го одминеме и моментот на вкусот на публиката, која гласаше за грчкиот наслов „Дефункт“ на Захаријас Мавроедис од натпреварувачката програма, за „Опсада на улицата Липерти“ во националната селекција, за „Која е оваа земја!“, на хрватскиот режисер Винко Брешан во програмата „Балкански преглед“, и за „Ластовиците од Кабул“, на француските автори Забу Брејтмен и Елеа Гобе-Мевелек во програмата „Отворени хоризонти“. А од грчките наслови, освен „Опсада на улицата Липерти“, успешен беше и „Космички колачиња“ на Ринио Драгасаки, со награда на домашната филмска асоцијација.

Солунскиот фестивал веќе со години е една од точките на фестивалската европска мрежа каде што се промовираат трите номинирани филмови за наградата на Европскиот парламент, „лукс“. Теона Митевска уште на самиот почеток на фестивалот го промовираше својот најнов филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, со забележителен настап пред публиката и новинарите, на кој говореше и за феминистичката политика во уметноста, но и за уметноста на можното во политиката, како што е Преспанскиот договор… По успешниот поход на фестивалите изминатиов период, „Петрунија“ ќе се обиде да го круниса крајот на годинава со уште една значајна награда.
Знам, звучи здодевно набројувањето на наградените филмови, но тоа е таа фестивалска димензија што не може да се занемари. Но Солунскиот фестивал најмалку е прост математички збир на гласовите на членовите на жиријата и публиката. Еве и зошто.

Милена Дравиќ во филмот „Случајот Макавеев – Процес во киносала“

Суптилни чествувања

Меѓу суптилните посвети на јубилејното издание сигурно спаѓаат и изложбата на малку познатите артистички дострели на реномираниот грчки режисер Никос Кундурос, како и стрипот едноставно насловен „Фестивал“, креација на аниматорите Јоргос Гусис, Панаџотис Пантазис и Џорџија Захари, издаден специјално за 60-годишниот јубилеј. Одбележувањето значаен фестивалски јубилеј со публикување стрип е момент на луцидна посвета на поврзаноста на овој медиум и филмот, а публиката имаше ретка можност да ја види поставката на цртежите за сценографиите и костимите за дел од филмовите на Кундурос (1926-2017), еден од пионерите на современиот грчки филм, ангажиран автор од ерата на студиото „Финос филм“. Ништо не е случајно во филмскиот свет: првиот игран филм на Кундурос бил прикажан на првото издание на Солунскиот фестивал (кога бил само смотра на националната кинематографија); а претседател на фестивалот е кинематограферот Јоргос Арванитис, кој кариерата ја започнал токму во студиото „Финос“. Арванитис одржа и инспиративен мастерклас, слично како и во Битола пред два месеци, на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, каде што ја доби наградата „златна камера 300“ за посебен придонес во филмот.

Омажите на Џоана Хог, Грегори Маркопулос, Роберт Биверс и Алберт Сера се другиот вид „колачиња“ за вистинските филмофили. Џоана Хог е пионер(ка) на новиот бран во британски филм во 80-тите години на минатиот век, која ја трансформира болната социјална реалност под менторство на култниот автор Дерек Џарман, од кого и ја позајмувала осуммилиметарската камера за своите први филмови. Алберт Сера спаѓа во еден од најнеобичните автори од преминот на двата века во шпанската (каталонската) кинематографија: всушност можеме да го наречеме промислувач на филмот, бидејќи колку и да можете да замислите неконвенционален пристап кон филмот, Сера ќе ве демантира со своите „филмови“. Неговиот последен филм „Слобода“ можете да го гледате како „чуден“ филм, филмски концепт, па дури и како „едно големо ништо“ во траење од 140 минути – група аристократи си разговараат со речникот на Маркизот де Сад во една шума, и по малку практикуваат од неговите поимања на сексот – но тој нема проблем со тоа. Како што посочи на својот мастерклас, кој многумина од присутните го вреднуваа како неспоредливо поинтересен од неговите филмови, за него е битен процесот на снимање и монтирање, во кој има необични критериуми за тоа што е убаво или не. Но, искрен каков што е, Сера инсистира дека за него филмот е тоа што нему – и само нему! – му се допаѓа, без разлика на мислењето на критиката и на публиката. А Грегори Маркопулос и Роберт Биверс се клучните фигури на американската филмска експериментална сцена од 70-тите години на минатиот век.

Папата на треш-културата

Ѕвезда на годинешното издание на Солунскиот фестивал беше Џон Вотерс, легендарниот автор на треш-филмовите, но и треш-културата пошироко, кој ја доби наградата „златен александар“ за животно дело. Елегантен во свој стил и со децентна смисла на хумор и на своја сметка, Вотерс го распродаде својот перформанс во киното „Олимпион“ неколку дена пред да се појави во Солун. Авторот на филмовите преполни со „кич“ – а лично од култниот американски писател Вилијам Бароуз ја доби титулата папа на трешот – на мастеркласот им одржа слово на младите филмаџии, со главната напомена: што и да снимат, без разлика дали е добро или ѓубре, мора да се снајдат и да го продадат тоа. Човекот што ја измисли хероината на треш-културата Дивајн, кој во филмографијата го има „Пинк фламингоси“, но и холивудскиот „Плачко“ („Cry baby“) со Џони Деп и бившата порно-ѕвезда Трејси Лордс – треш-пандан на зашеќерениот мјузикл „Брилијантин“ со Џон Траволта и Оливија Њутн-Џон – ја развесели публиката во Солун.

Балкански преиспитувања

Од друга страна, пак, во стандардно одлично склопениот „Балкански преглед“ – кој повеќе од четврт век го носи најдоброто од регионалните кинематографии на Солунскиот фестивал – освен што, меѓу другите, ги видовме „Која е ова земја“ на Винко Брешан, „Таткото“ на Петар Валчанов и Кристина Грозева, „Свиркачи“ на Корнелиу Порумбоју, „Приказна за трите сестри“ на Емин Алпер, „Отворена врата“ на Флоренц Папас – имавме уникатна можност да се потсетиме на творештвото на Душан Макавеев (1932-2019). Ретроспективата на Макавеев, една од најмаркантните фигури на критичкиот политички филм во бивша Југославија – „В.Р. мистерии на организмот“ одамна е класика во филмските учебници – беше збогатена со новиот филм на Горан Радовановиќ, „Случајот Макавеев – Процес во киносала“. Можеби може да сними и според телефонски именик, но Радовановиќ снимил динамичен документарец базиран на тонските ленти снимени за време на „дебатата“ во новосадското кино „Арена“, на која му се суди, но и се брани токму „В.Р. мистерии на организмот“ по неговиот одличен настап на Канскиот фестивал во 1971 година. Но многу повеќе за овој филм и за творештвото на Макавеев во разговорот со режисерот Радовановиќ во некое од идните изданија на ЛИК.

Џорџ Вотерс