Албанското дуо ја отсвири „Елегија“ на Коларовски

91

Прекрасен концерт приредија флејтистката Јонела Големи и пијанистката Мерита Реџа Тершана од Албанија на фестивалот „Охридско лето“. Двете извонредни уметници во црквата „Света Софија“ настапија со програма што, како што велат, ја подготвиле токму за фестивалската публика. Музичкото доживување започна со Сонатата за флејта и пијано од Франсис Пуланк.

– Подготвивме специјална програма, која е комбинација од класична музика и современи жанрови. Започнавме со сонатата на Пуланк, а продолживме со композиција од Франц Доплер, потоа ја изведовме Сонатината за флејта и пијано од Жак Ибер. На репертоарот беше застапен и Оливие Месијан со композицијата „Црна птица“. Исто така го отсвиривме и делото „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате – изјави флејтистката Јонела Големи.

Албанските уметници покажаа совршена техника на музицирање, а меѓу другите композиции од програмата изведоа и дело на македонски композитор, композицијата „Елегија“ од Гоце Коларовски.

– Со огромно задоволство ја изведуваме оваа композиција на Коларовски. Јас третпат настапувам на фестивалот „Охридско лето“, но Јонела Големи е првпат на фестивалот. За нас е огромно задоволството што настапуваме на овој реномиран фестивал во светски рамки и сме благодарни на поканата за нашиот настап – вели пијанистката Мерита Реџа Тершана.

Освен како дуо, Големи и Тершана настапуваат и во трио со други уметници. Велат дека нивната соработка трае од поодамна и ќе продолжи во иднина. Јонела Големи дипломирала на отсекот за флејта на Универзитетот во Тирана, по што во 1997 година заминала на студии во Париз, каде што на Конзерваториумот работи под менторство на П.И. Арто. Потоа следувале судии на „А. Корто“ и четиригодишни студии на регионалниот национален конзерваториум „Сен Мор де Фосе“ кај проф. П. Легор, каде што добила златен медал и дипломи на студиите по флејта, камерна музика и педагогија. Добитничка е на голем број награди и признанија, прва победничка е на натпреварот „Н. Зораки“ и прогласена е за музичка уметница на годината во 2018 година, на доделувањето на наградите „култ“, откако три последователни години била номинирана за оваа награда.

Членка е на оркестарот „Француски флејти“, каде што ги свири сите инструменти од семејството флејти, пиколо, алт, бас, октобас, а е прва флејта на оркестарот на Албанската радио-телевизија. Критиката, публиката и медиумите ја сметаат пијанистката Мерита Реџа Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија, која продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка национални награди, како „изведувач на годината“ на албанскиот фестивал за современа музика во 1996-та и на наградата „култ“ во 2010 и 2016 г. Како солистка настапува со повеќе оркестри, вклучувајќи ги и оркестарот на Албанската радио-телевизија, оркестарот на Универзитетот во Тирана и оркестарот на операта. Предава пијано како вонредна професорка на Универзитетот за уметности во Тирана.