Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ во Неготино со лични творби и цртежи ги поздравуваат врсниците од штипското ООУ „Тошо Арсов“

Синџирот на пријателство и соработка, на наша голема радост, сѐ повеќе се шири меѓу децата од основните училишта во Македонија. Денеска низата ја продолжуваат учениците од ООУ „Гоце Делчев“ во Неготино, кои своите топли поздрави ги упатуваат до врсниците од ООУ „Тошо Арсов“ во Штип.
Еве што напишаа:

„Драги другарчиња од ООУ ’Тошо Арсов‘ од Штип, ние учениците од прво до петто одделение во ООУ ’Гоце Делчев‘ во Неготино со нашите творби сакаме да ве поздравиме и да ви посакаме добро здравје и многу успех.
Ви се претставуваме со различни творби на темите ’Другарство‘ и ’Книгата е сон што го држам во раце‘.

Се одлучивме за овие теми, бидејќи другарството за нас е бесценето, а книгата е таа што нѐ води во животот и која е наш најголем учител.
Во нашето училиште заедно со подрачните училишта имаме од секое одделение по седум паралелки, во овој период некои од нас се со физичко присуство, а некои со онлајн настава. Ние сакаме да запознаеме нови другарчиња, да градиме мостови и да стекнуваме нови пријателства. На фотографијата се нашите творби, кои се истакнати во холот на нашето училиште. Сакаме да твориме, да се дружиме и така да нижеме успеси со кои се гордееме и ние и нашите наставници. На другата фотографија е нашето училиште за да го препознаете и кога ќе поминувате од тука да свратите кај нас. Нашето училиште е нашиот втор дом, а ние учениците сме негова гордост.
Се надеваме дека еден ден ќе се сретнеме и во живо за да се запознаеме одблиску и да другаруваме.

Ви испраќаме срдечни поздрави од Неготино.
Учениците од ООУ ’Гоце Делчев‘“.
Ви претставуваме дел од нивните песни и цртежи за другарството и за љубовта кон книгите и читањето.


Книгата нѐ прави подобри!

Сите книги се многу убави, но многу ми е жал кога некое некултурно дете ги кине. Еве на пример Андреи. Сигурно се прашувате кој е тој Андреи. Сега јас ќе ви кажам. Тој е многу некултурно дете, ги кине книгите и од листовите прави авиончиња и не ни ги фрла во кантата за отпадоци. Тој вчера падна и се повреди и затоа отишол во болница. Јас и другарка ми отидовме да го посетиме и му однесовме авантуристичка книга. Тој ја прочитал книгата и не ја скинал. По некое време пак отидовме да го посетиме. И што да видиме, листови насекаде, но не од книгата, туку Андреи пишувал на нив. Тој пишувал книга со наслов „Книгата е сон што го држам во раце“. Јас ја прочитав неговата книга и беше многу убава.

Викторија Димова, 5-в одделение


Другарството среќа зрачи

Со другарот се смееме
Со денови си играме
Заедно растеме
Делиме и радуваме.

Кога се караме
Веднаш си простуваме
Во лошо си помагаме
Тоа другарство го нарекуваме.

Сите треба да знаеме
Што другарство значи
Да сме посилни и јаки
Тоа среќа значи.

Петар Цветковиќ, четврто одделение, с. Тремник


Што е другарство?

Другарството е ѕвезда
што небото го краси
тоа треба да се чува
за никогаш да не изгаси.

Другарството е
библиотека од книги
но некои од нив
се добро одбрани и чувани.

Другарството е богатство
Што не се мери со пари.
Тоа е љубов, среќа и добрина
што треба да се дари.

Михаела Ангеловиќ, петто одделение, с. Тимјаник


Детелина со четири листа

Другарството е песна
што славеј ја пее
тоа е сонце
сите што нѐ грее.

За добро и лошо
во радост и мака
другарството е тука
да подаде рака.

Другарството е оган
што нема да згасне
тоа секој ден
за еден кат расте.

Добриот другар е како детелина
со четири листа
тешко е да го најдеш,
но среќен си кога го имаш

Дариан Јанакиев, четврто одделение, с. Тимјаник


Другарство

Има една магија
другарство се вика
насмевка и среќа
со неа блика.

Со игра и смеа
другарството се храни
другарчето секој треба
да го брани.

Подаваат деца рака
помагаат во мака
магијата треба да трае
тоа секое дете го знае.

Димитриј Данаилов, 3-а одделение


Со секого другарувам, насмевки подарувам

Другарството е сонце
што нѐ грее.
Другарството е песна
како славеј што пее.

Другарството е тука
да ти подаде рака
за добро и лошо
во радост и мака.

Со секого другарувам
насмевки подарувам.

Другарството го сакам
без страв и без маска.

Јас го сакам другарството знај
со него другарка ќе бидам до крај.

Божица Петрова, 3-в одделение


Кигата е сон што го држам в раце

Уште како мала, мајка ми ми купуваше сликовници со прекрасни корици. Не умеев да читам, но ја вртев страница по страница и ја раскажував според сликите што ги гледав. Ах, а само да знаете колку сакав да можам и да умеам да читам. Немав постаро братче, а немав ни сестричка, па морав да ја чекам мама и да ѝ го одземам она малку слободно време за да ми чита. Мама читаше, а јас бев занесена во слушањето…
Денес јас умеам да читам. Читам сѐ што ми е дадено за на училиште, а посебно задоволство ми се полиците со книги со веќе пожолтени корици, кои мама ги донесе пред некој ден.
Се случи вака.
Беше убав сончев ден кога ја видов мајка ми како чисти кај мојата баба и грижливо крева едно пакетче. Кога го отвори беше полно со книги, а таа ми рече: ,,Ќерко, ова е богатство. Сѐ можат да ти земат, да не ти признаваат, но знаењето е твоето оружје. Читај, читај мајкино!!!“
Мама е мојот идол. И денес мајка ми се труди да се „почести“, како што вели таа, со некоја нова книга. Кога ќе ѝ кажам која книга ми треба, таа веднаш ја бара на полицата. Ја држам книгата во рака и го чекам остварувањето на мојот сон. Сакам барем приближно да застанам рамо до рамо со прочитаните книги на мама. Сакам да можам да поразговарам за некој роман со неа. Тој сон ќе се оствари, ти ветувам мамо.
Книгата е мојот сон, кој почна да се остварува, а литературата патот по кој ќе одам. Помеѓу нас кажано, во срцето ја носам мечтата да бидам лекар!

Николинка Булева, 4-в одделение


Другарството е богатство

Ако земеш едно стапче, лесно ќе го скршиш. Ако земеш повеќе стапчиња, нема
да можеш да ги скршиш. Затоа треба да имаме другарчиња. Со другарот си
посилен и посреќен. Другарството е богатство. Колку повеќе другарчиња имаш,
толку си побогат. Да имаш вистински другар значи дека никогаш нема да си сам, секогаш имаш кој да ти помогне и со кого да бидеш среќен.
Да си другар значи искрено да сакаш, да не лажеш и секогаш да поделиш и
помогнеш. Без другар секое дете изгледа тажно. Затоа, да се сакаме и почитуваме другари мои, за да бидеме среќни и весели деца.

Надја Толова, 3-в одделение