Мојата мисија во областа на танцот не е само образовна туку е и воспитна. Децата со мене растат во здрави личности со вистински животни вредности. Тоа е мојот најголем сон, да изведам генерација што ќе продолжи по својот пат полна со искуство и подготвена за нови животни предизвици, вели Мерлин Стојановска

Мерлин Мери Стојановска – танчарка, кореографка, магистерка по спортски менаџмент, педагог и прв човек на „Денс-студио МАК“ од Куманово

Сите што ја познаваат Мерлин Мери Стојановска (44) велат дека е неуморна, голем професионалец и креативец. Танцот е нејзина љубов откога знае за себе, а педагогијата и едукацијата на деца се дел од нејзиниот професионален ангажман. Танц учела од примабалерината Натка Пенушлиска, која ѝ дала одлична основа за нејзината континуирана надградба на повеќе полиња.

Како во неколку реченици би гласела вашата биографија?
– Родена сум на 27 јуни 1977 година во Куманово. Завршив средно училиште во СОУ ,,Гоце Делчев“, природно-математичка насока, а своето факултетско образование го продолжив на Педагошкиот факултет ,,Св. Климент Охридски“ во Скопје, во 2000 г., каде што дипломирав како професор по одделенска настава. Продолжив да се образувам на Факултет за спортски менаџмент во 2016-та, а се стекнав со звањето магистер по менаџмент во спортот во 2020 година.

Кога првпат кај вас се јави љубовта кон танцот, дали тоа беше уште во детските денови?
– Својот талент и темперамент го манифестирам уште од шестгодишна возраст, кога првпат станав член на гимнастички клуб ДТВ Партизан, во Куманово, а подоцна и како член на балетското училиште при НУЦК „Трајко Прокопиев“, под водство на примабалерината Натка Пенушлиска. Подоцна учев и од Слаѓана Чаџановиќ Спасеновска. Балетското образование продолжува паралелно со изучувањето модерни танци, а многу поамбициозно како член на групата ,,МАК“ во НУЦК ,,Трајко Прокопиев“, формирана од професорот Стојадин Ивановски-Дине. Во групата членував сѐ до својата деветнаесетгодишна возраст, кога првпат станав кореограф. Своето кореографско образование продолжив да го надградувам со учество на семинари и обуки надвор од државата.

На натпреварот ,,Денс фест“ во Нови Сад, Србија, „Денс-студио МАК“
од Куманово учествува по десетти пат. Овој пат се претставивме со девет кореографии, од кои шест во категоријата современ танц, а три во категоријата хипхоп. Освоивме шест први места и три втори со 95 натпреварувачи. Најголема радост ми предизвика неочекуваниот успех на најмладата екипа, децата од шест до осум години што првпат одат на ваков престижен натпревар. Тие се качија на пиедесталот со високи оценки од жирито за изведбата на точката насловена ,,Јовка Кумановка“, на музика на групата „Некст тајм“ и со моја кореографија, ни рече Стојановска

Дали досега ги остваривте вашите професионални соништа, да танцувате на големи сцени, да освојувате награди, да подучувате други и да бидете успешна во тоа?
– Моите соништа од ден на ден се градат и се менуваат како што растат моето искуство и желбата за успех. Секој сон од генерација на генерација е различен, но секогаш остварлив ако длабоко веруваш во себе и го живееш секој ден. Мојата мисија во областа на танцот не е само образовна туку е и воспитна. Децата со мене растат во здрави личности со вистински животни вредности. Тоа е мојот најголем сон, да изведам генерација што ќе продолжи по својот пат полна со искуство и подготвена за нови животни предизвици. Тоа е мојот успех. Сцената и наградите се само процес низ кој ги градам тие личности. Секоја победа и пораз нѐ прават појаки и поцврсти.

Освен танцот, ја избравте педагогијата како животна професија, што ве направи уште постручна за работа со деца, како учителка и како инструкторка по танц? Каде се пронаоѓате повеќе или овие две преокупации се испреплетуваат кај вас?
– Работата со децата отсекогаш ме исполнувала и ми претставувала предизвик. Децата се најголемото богатство, дијаманти што треба да се брусат. Нивната љубов и чиста душа, како и енергијата со која зрачат се она што ме води напред во работата. Педагогијата ми е блиска бидејќи ја избрав како животна професија да образувам и воспитувам нови генерации, но во тесна врска е со танцот како моја љубов од мали нозе. Сепак, не би можела ниту без едната ниту без другата професија. Родена сум да бидам опкружена со деца и на работа и во домот. Тие ми даваат мотивација и инспирација и приватно и професионално.

„Денс-студио МАК“ од Куманово е ваше чедо и, веројатно, многу сте вложиле во неговите сегашни успеси. Што беше најважно за вас сите овие години на растење, што сакавте да постигнете и го остваривте ли тоа?
– „Денс-студио МАК“ е едно од најстарите балетски студија во Македонија, кое датира од 1987 година. Формирано е како матична секција на Центарот за култура од страна на проф. Стојадин Ивановски-Дине. Студиото продолжува да работи континуирано до 2003година, при Центарот за култура како матична форма, каде што подоцна го преземам јас како кореограф, а од 2011 г. работи самостојно како здружение за танц. Успеав да го дигнам студиото на високо ниво, го омасовувам танцот во градот за добивање поадекватна основа за развој на квалитетни танчари. Примарна цел на нашето студио е да им даде можност на учениците да ги развиваат својата љубов кон танцот и движењето со стручно водство и индивидуален пристап за да создаде млади уметници и вљубеници во танцот, кои секогаш со задоволство ќе му се враќаат. На часовите учениците имаат можност да ги танцуваат сите видови модерни танци. Групите се распоредени според возраста на учениците и опфаќаат предучилишна (три-пет), нижа училишна 1 (шест-осум), училишна 2 (9-11) и училишна 2 (12-14), средношколска (15-18) и возрасна група (18+).
Секоја од горенаведените возрасни групи има своја мисија, од развивање на основните елементи: слух, ритам, сила, брзина и координација преку развивање сензибилитет кон музиката и креативно изразување преку движење до изучување основни танцови техники преку кои ги усвојуваат основните танцови термини и увежбуваат танцови секвенци. Усовршувањето и надградбата на претходните нивоа се врши преку развивање на целокупната моторика со посебно внимание на креативноста на учениците и импровизацијата.

Зад нашето студио стојат голем број настапи во државата и надвор од неа, многу награди и признанија надвор од нашите граници. Студиото го водат истакнати имиња во земјава и надвор од неа: Мерлин Стојановска, предагог и кореографка, Далибор Стаменковски, дипл. проф. по ФЗО, кондициски тренер и тренер по гимнастика, Сара Цветковска, тренерка по современ танц, и Слаѓана Спасеновска, балетски педагог за класичен балет.

Наградите се круна на една добро завршена работа, а вашите витрини ги красат многу признанија. Кои ви се најдраги?
– Секоја награда, пехар, медал, статуетка има своја приказна и спомен во моето срце, за една генерација, за една љубов, за една жртва. Не би можела да ги делам наградите и признанијата по важност, сите ми се драги и вредни. Покрај наградите на натпреварите имам добивано различни признанија за мојата работа од градот и од државата, како што се Ноемвриската награда за култура, и тоа двапати, во 1989 и во 2016 година, награда за најуспешен клуб, за најдобар тренер…

Од Србија, поточно од Нови Сад неодамна се вративте со многу награди. Кажете ни нешто повеќе за овој успех.
– На натпреварот ,,Денс фест“ во Нови Сад учествуваме 10 години по ред и нашето студио редовно добива награди од овој престижен меѓународен натпревар. Оваа година се претставивме со девет кореографии, од кои шест во категоријата современ танц, а три во категоријата хипхоп. Освоивме шест први места и три втори со 95 натпреварувачи. На кореографиите работеа истакнати имиња од сферата на танцот: Игор Киров, Милош Исаиловиќ, Ања Башковц, Леа Абинун и Мерлин Стојановска. Помошник-асистентка кореографка беше Сара Цветковска, а кондициски тренер Далибор Стаменковски. Асистенти на кореографот беа Евгенија Милевска, Михаела Димковска, Летиција Поповска, Богдана Механджијска, Евгенија Петрушевска, Викторија Митревска и Сара Цветковска. Техничката поддршка за сценографијата беше на Тони Стојановски и на Јовица Цветковски.
Најголема радост ми предизвикаа два момента, првиот е неочекуваниот успех на најмладата екипа, децата од шест до осум години што првпат одат на ваков престижен натпревар. Најмалите во својата категорија, сепак, се качија на пиедесталот со високи оценки од жирито за изведбата на точката насловена ,,Јовка Кумановка“, на музика на групата „Некст тајм“ и со моја кореографија. Вториот момент беше кога сениорската екипа успеа да влезе во топ 20 најдобри кореографии на целиот натпревар и да заврши во топ пет кореографии. Досега ова е наш најголем успех на овој престижен натпревар.

Веројатно имате уште многу планови со клубот, откријте ни некои од нив?
– Поради пандемијата многу од нашите планови останаа неостварени последните две години, што беше навистина штета за генерациите што беа подготвени за многу успеси, но без разлика на сѐ успеавме да се избориме и да продолжиме таму каде што застанавме. Плановите до крајот на годинава се прославата на 35 години постоење на „Денс-студио МАК“, како и организирање на јубилејниот меѓународен фестивал „Денс фест – 2022“, кој ќе се одржи на 27 и 28 мај во НУЦК ,,Трајко Прокопиев“ во Куманово, на кој очекуваме да дојдат гости од Хрватска, Словенија, Србија и од Чешка. Се очекува и датумот за нашето патување во Америка, за што успеавме да се квалификуваме во Загреб, Хрватска, минатата година. Имаме планирано да посетиме уште неколку натпревари и фестивали, да одржиме концерти за градот, како и да присуствуваме на различни културни и спортски настани во општината Куманово. Оваа година првпат се вклучивме во „Еразмус-програмата за размена на искуство и добри практики во областа на танцот“, па во тие рамки од 29 април до 6 мај ќе престојуваме во Краков, Полска.

Од кого имавте најголема поддршка и помош во работата сите овие години?
– Најголемата поддршка ја добивам од моето семејство, од мојот сопруг Тони Стојановски, кој многу години ме следи и поддржува, а и самиот е дел од студиото како техничка поддршка. Тука не би сакала да го заборавам и мојот ментор Стојадин Ивановски-Дине, кој сѐ уште ме подучува и ме советува, како и мојата мајка, без која не би била ова што сум денеска и знам дека е најгорда мајка. Родителите на децата се исто така дел од мојот живот и работа и секогаш се тука за помош и поддршка во исполнувањето на моите планови.

Кога се чувствувате најсреќно и најисполнето?
– Кога моите деца се среќни и задоволни, јас сум најсреќната и најисполнета личност. Нивните насмевки, искри во очите, желбата за успех, огнот што им гори во душата се мојата ѕвезда водилка. Џагорот во салата е најпријатен звук за моите уши измешан со музиката. Живеам за музиката и танцот, живеам за детските насмевки и топли души. Среќна сум и исполнета во мојата работа и не би ја менувала за ниту една друга професија.