Од творештвото на писателот Стојан Тарапуза

Мајката е најсаканото суштество на светот. Нема човек што од сѐ срце не ја сака својата мајка, кој не настојува да ѝ возврати со убаво за сето она што го направила и што сѐ уште го прави за него. Во сето тоа предничат децата и затоа често настојуваат да ги изненадат со разни подароци и неа и учителката, особено кога им е роденден или кога е Денот на жената = Осми март.

КРИСТИНКА: (Седи крај масата, се ведне над неа и во блокчето пред себе нешто црта со моливот и тивко, како за себе, си зборува); Така, уште малку, уште некоја дреболија и портретите на мајка ми и на учителката ќе бидат готови. Ќе побрзам додека сѐ уште не дошол некој…
МИЛКО: (Влегува во собата, застанува сред неа и се загледува во Кристинка): Што си се занела толку, Кристинке? Црташ ли нешто што те исполнува, што ти причинува задоволство?
КРИСТИНКА: Да. Ги цртам мајка ми и учителката…
МИЛКО: Цртај ги, таа е и моја мајка, учителката е и моја учителка! Само се чудам како можеш да ги црташ кога тие не се во собава! Цртањето, колку што знам, не е едноставна работа, не е плукни-залепи! За да биде цртањето успешно, треба тие што ги црташ да седат или да стојат пред тебе со часови и да позираат…
КРИСТИНКА: Така, се согласувам. Но присуството на тој или на тие што ги цртаме е неопходно, но само тогаш додека го цртаме или додека ги цртаме, го гледаме или ги гледаме со нашите физички очи, како што сега те гледам со моите две.
МИЛКО: Ако е така, како што велиш, со какви очи ги гледаш сега мама и учителката?
КРИСТИНКА: Ги гледам со мислените, со внатрешните што се во мене! Такви очи имаш и ти. Со нив се гледа и најдобро и најдалеку.
МИЛКО: Те разбрав. Кажи ми сега што ќе правиш со цртежите со кои ги овековечи мама и учителката?
КРИСТИНКА: Ќе им ги подарам како честитки за Денот на жената – Осми март! Тоа, веројатно, ќе го сториш и ти, но кажи со што?
МИЛКО: Со по една песна, се знае!
КРИСТИНКА: Ги напиша ли или допрва ќе го сториш тоа?
МИЛКО: Ги напишав и слушни сега како се срочени:

Мајката е нежност драга,
цвет што збори.
За нас таа сѐ би дала
сѐ ќе стори.

Мајката е ден што расте,
зрак што грее.
Најмила е, најдобра е, над нас бдее!

КРИСТИНКА: Добро си ја извезол, нема што! Мама ќе се израдува кога ќе ја прочита. Кажи ја сега песната за учителката, да слушнам како си ја извезол и неа!
МИЛКО Ќе ти ја кажам. И таа е искрена и доживеана, како што е искрена и доживеана песната за мама. Слушни ја:

Учителке тешителке, вие сте ко сонце,
гласот ви е помеден и од мајско ѕвонче!

Стројна сте ко тополка, милна како срна,
одот ви е сигурен, косата – најцрна!

Добри сте, ве цениме, ве сакаме ко мајка,
со вас и часовите ни се како бајка!

Нѐ учите, нѐ советувате, знаење ни давате,
на коњи победнички и вие со нас јавате!

Учителке тешителке, вие сте како пролет,
со вас и на желбите им даваме полет!

КРИСТИНКА: Ја зборуваш вистината… И двете песни се прекрасни! Ти честитам. Си ги срочил како вистински поет. Ќе се израдуваат кога ќе ги прочитаат. За нив тие ќе бидат најдобрите, најискрени и најубави честитки за Осми март. Останува уште да им ги подариме и заедно со нив, на најубав можен начин, да го прославиме овој голем и значаен меѓународен празник!

(Од книгата „Везеница“)