Дали сте знаеле дека….

Покрај некогашниот царски друм под скопската тврдина Кале се наоѓа „Мустафа-пашината џамија“, која ја нарекуваат и „цвет на исламската архитектура кај нас“. Исто така легендата за нејзината изградба е многу интересна. Кога во 1490 година е одбрано местото за нејзината изградба, преку акведукт е донесена вода од Скопска Црна Гора. Градбата била готова за две години.
Кај влезот во џамијата од левата страна, на висина од два метра, се гледа црн мермерен белег. Се раскажува дека тоа означувало колку бил висок Мустафа-паша. За него има преданија дека во исламот преминал од друга вера, а во османлиската хиерархија дотуркал до везир.
По пропаста на Османлиското Царство, од 1912 г. џамијата била претворена во воен магацин, но во 1933 година по молба на управителот на скопскиот вакуф било дозволено таа да се обнови.
За да ѝ се врати некогашниот сјај, на ткајачите во Нови Пазар им било дадено да исткаат килими за џамијата, и тоа со огромна димензија, поточно со површина од двесте квадратни метри. Килимите биле долги 20, а широки пет метри. Интересно е дека вкупната должина на килимите одговара на висината на џамијата до минарето, точно 40 метри.
Овие килими за гинис сега се тргнати од подот на „Мустафа-пашината џамија“ и не е познато што се случило со нив, а можат да се видат само на фотографии.