Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (10)

Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, објавуваме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Благодарност

Има еден чичко во облека сина
улицата кога со бате ја минам
насмеан и ведар совети ми дели
нему ќе му дарам каранфили бели!

Крстосница: луѓе и возила – река,
училиште, рудник, фабрика ги чека.
Секој негде брза, секој негде оди,
во секое срце желба – сонце броди.

А тој стои буден, безбедност ни нуди,
праведен и добар, но и строго суди…


Пофалба

Автобуси, коли, пешаци – сѐ тече
и секогаш така – од утро до вечер.
Тој упорно стои, сигурен и вреден
секој чекор наш од него е следен:
кој безбедно вози, правилно се движи
и себе се сака и за друг се грижи,
а за сите грешки, прекршоци разни
опомени следат, а може и казни!

За тој чичко добар во облека сина
најубаво цвеќе утринава скинав.


Ај погоди што е тоа?
Нашиот пријател

По улица неуморно
секој ден се движи,
за редот сообраќаен
без престан се грижи.
Добар е, но строг е,
може и да казнува,
нема ли прекршоци –
најсреќен е, празнува.


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Ја завршил учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српскохрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.