Во неколку продолженија објавуваме стихови од писателот Саво Костадиновски, кои ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие песни ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени

Радика

Се радува Радика
со бистрежот води:
„Послушајте рибари,
рипче ми се роди!“

Рибарите праќаат
порака до Радика:
„Биди благословена
и од дедо владика!“

Се радува Радика,
чиниш, просто блика,
и под безброј карпи –
се нурка, се пика!“

Сатеска

Сатеско, Сатеско,
каде течеш,
камен, песок,
каде влечеш?

Бистри води
зошто матиш,
зошто свој тек
не си фатиш?

Сатеско, Сатеско,
од матежи полно,
езерото златно
веќе ни е болно!

Реосочка Река

Од Тресонче
и Росоки
има свои посоки!

И корито чисто
од века,
си има свое –
Росочка Река.

Дури и рибарите
ги познава свои
колку ли ги има,
кој ќе ги брои?

Треска

По корито вечно
со бран што блеска,
со години тече
ладна река Треска.

Низ Кичевско, Брод,
водите ги патка,
се додека втаса
до езерото Матка.

А кога ќе втаса,
грми како пушка:
„Пуштете ме, Вардар
сакам да го гушкам!“

Пена

Повеќе од
два-три дена,
лута стои
река Пена!

Се пенави
уште Пена,
рибар некој
фатил мрена!

А без таа
крупна мрена
не ќе личи
сега Пена!