Од овој број, драги деца, во неколку продолженија ќе објавиме стихови на писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени.

Планини – убавини

Гордо се извишиле,
чисти и пошумени,
со гргор-вода, свежина,
бисер утра румени.

Планини македонски –
бесценета убавина,
празник сте за очите,
лек за душа – здравина!

Цела земја македонска,
со вас личи, се радува,
мило стадо да заблее,
свежо ветре да задува…

Од што ве сакам толку многу –
како рода своја блиска,
во стихови ќе ве нижам –
да ве имам како ниска!

Шар Планина

До небото се извишила,
небаре нешто бара,
нашата прекрасна планина –
нашиот бисер Шара.

До недоглед се издолжила,
и по должината нејзина сета
овци пасат трева зелена,
јато птици насекаде лета…

Шар Планино, наша убавино,
зиме-лете си шарена,
како украс, скап подарок –
нам подарена!

Кораб

Се издигаш високо
до небесна синевина,
како кораб си застанал,
со полн товар сончевина.

Накај Дебар погледнуваш,
и кон цела Река,
па не тргаш од местото,
некој патник чекаш!

Еј, Корабе – планино,
до небо што сновеш,
знај, ко кораб всоне –
во душава ми пловиш!

Караорман

Караорман –
шума црна,
ко ноќ темна
ме голтна, згрна!

А наутро
слушам врева:
пиле пее
расте трева!

Виши бука,
шири јасен,
еј Караорман –
колку си красен!

Галичица

Како да е сино цвеќе,
сино цвеќе љубичица,
таа вишна убавица,
таа горда Галичица.

Од високо, од небеса,
кон две езера, како браќа:
кон Охридско и Преспанско –
занесено поглед праќа.

Па се мисли, потем долго,
очи лични пак да трие,
кај да слезе, во кои води –
својот образ да го мие!

Дешат

Само планинарите
не можат да згрешат,
кога пат ги носи
кон врвот на Дешат!

Тие дури тајните,
велат, му ги слушнале,
ама штета не виделе –
кога со Кораб се гушнале!

Кораб и Дешат – двајца браќа,
двајца лути браничари,
двајца чувари македонски –
двајца добри
граничари!


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.