Прекрасно јануарско утро. Маврово беше облеано со сонце. Куќичките, дополу завиени во снегот, сѐ уште спиеја. Снешко се сончаше во дворот. Уживаше во првите сончеви зраци. Беше многу убав: трепките му беа нанижани од сончогледови зрна, наредени едно до друго во полукруг, очите – две црни маслинки, носот – портокалов морков. Устата беше најубава: беше направена од една малку крива краставичка. Краставичката исечена наполу по должина. Семчињата од краставичката личеа како низа од прекрасни заби. Снешкото се викаше Смешко. Беше секогаш насмеан.
Една гулабица шеташе пред прозорецот од куќата. Беше по малку растреперена, но сепак многу горда. Одеше од едниот до другиот крај на прозорецот. Одвреме-навреме ќе застанеше и ќе ја подискривеше главата. Гледаше внатре.
– Гордана, добро утро.
– Добро утро – рече Гордана збунето. Не забележа дека Смешко е буден.
– Што правиш? – праша Снешкото.
– Ништо, шетам онака – одговори по малку засрамено.
– Дојди да не се довикуваме.
– Зошто? – праша Гордана.
– За да не ги разбудиш! – рече Смешко по малку лут.
Гулабицата долета до Смешко. Застана на метлата и почна љубопитно да гледа. Главата ја веднеше те на едната, те на другата страна. Досега го немаше загледано од толку блиску. Навистина беше многу убав.
– До доцна во ноќта се веселеа. Прославуваа нешто – продолжи Смешко.
– Знам, видов – рече Гордана.
– Кога виде? – праша Смешко.
– Сега. На масата имаше неколку чинии со варени костени, суви смокви, овошје, смоки, соленки, кикиритки… Замолкна и ја зафрли главата наназад.
– Гордана, те молам тргни ми се од метлава.
– Зошто?
– Ми правиш сенка. Сакам да се посончам уште малку додека не запекло појако. Застани на рамото.
Гордана го послуша и застана на рамото. Сонцето ги облеа и двајцата. Смешко беше облеан во насмевка. Гордана, пак, кришум го гледаше подоко.
По неколку минути, една семка падна од левата трепка. Гордана скокна и ја зеде. Застана на метлата и сакаше да ја врати на старото место.
– Немој, не се прави така – се насмеа Смешко.
– А како се прави? – праша Гордана по малку налутено.
– Се замижува, се замислува некоја желба, се хукнува трипати и… желбата ќе ти се оствари.
Гордана го послуша. Кога ги отвори очите, што да види: Смешко беше насмеан „до уши“ и ѝ намигнуваше со едното око-маслинка.

Драги деца, кога ќе правите снешко, правете го со многу љубов. Љубовта дарува живот.

(Од книгата „Чај од мајчина душичка“)