Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (7)

И зимскиот распуст мина… А во него празници, празници – колку што душата ти сака! Некои се науживаа, а некои, како јас на пример – си биле на голема мака!
Токму така, празниците новогодишни и божиќни, па и оние и пред и по нив ми беа од непроценлива штета.
Зошто?
Па, затоа што сум на диета! Каде и да појдев, сите му нудеа специјалитети од најблаги нешта. А да одбијам такво нешто, тешко – воопшто не сум вешта!
И, ете ти, без да сакаш – гурманска „фешта“!
Ми вели тетка ми Цвета:
На твои години, Зоре, не се држи диета! Погледни се, нозете ти се како на страчка… Помалку јадеш од нашата мачка!
Но најупорен од сите е тетин ми Ратко. Вчера ме натера да изедам половина тегла слатко. Нема што да кријам. Беше од смокви, а смокви јас не можам да одбијам.
Му велам: – Не можам, бре тетине…
А тој не се разбира… Ах, колку ме нервира!
– Јади – ми вели – додека не ја испразниш теглава, не те пуштам дома! Дваесет смокви не можеш да изедеш, а сакаш да станеш голема мома!
А кога си на гости, мораш да правиш чест, да не речат луѓето дека ништо не ти значат. Ама зошто и моите дома непотребно ме мачат? И баба и мама не трпат никакво објаснување. Прво најади се добро, ми велат, па потоа од дома излегување!
Огледај се – ми велат – на брат ти Васе…
А тој, што да кажам, вистинско прасе! Не само што јаде сѐ што ќе му се даде, туку и од она што е оставено за мене – краде!
Не чини така – му велам – ќе те кажам на мама…
А тој ми одговара:
Ќе ме кажеш ама дневникот ќе ти го направам „слама“! На крајот на краиштата, морам да јадам да си ги исполнам алиштата… Зар јас немам право да се хранам здраво?
Дали е во „криво“ или е во право, јас ќе си држам диета и да не е здраво!

Вашата Зорка Сештозборка


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.