Ликовен и книжевен конкурс за основци во организација на Противпожарниот сојуз на градот Скопје

Во организација на Противпожарниот сојуз на градот Скопје, неодамна свечено им беа доделени наградите на учениците и на нивните ментори, кои учествуваа на конкурсот за избор на најдобро литературно дело и најдобра ликовна творба. Првата награда во категоријата до шесто одделение ја освои ученикот Јаков Христов од основното училиште „Григор Прличев“ во Гази Баба, под менторство на наставничката Татјана Силјаноска – Гочкова, за краткиот расказ насловен „Колку ја чуваме природата, толку и таа нѐ чува нас“. Наградите и дипломите свечено беа доделени во домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Писателот Стојан Арсиќ, во своето обраќање, истакна дека е воодушевен од расказот на Христов.

Тој опишува непријатна случка на ридот Гази Баба, во која несовесни деца предизвикале пожар и се разбегале, а тој го гасел за да не се прошират пламените јазици во шумата. Пораката што ја испраќа Христов е дека е неопходно сите еднакво да ја чуваме природата и да бидеме свесни за последиците што може да ги предизвика нашето невнимание. Ученикот бил инспириран за овој текст од вистинска случка, кога во херојски подвиг неговите вујковци Мартин и Лазар навистина гаселе пожар на ридот што избувнал пред неколку години.
На изненадување на организаторите, на годинашниот конкурс се пријавиле повеќе од осумстотини ликовни и литературни творби. Учениците беа наградени со дипломи, а добија и пригодни награди.