На фестивалот „Голден старс реин“ во градот Владимир, Русија, Тамара го освои
највисокото признание – гран при. На овој успех му претходеа први места на интернационалниот детски фeстивал „Ѕвездички 2021“ во Прилеп и на меѓународниот
арт-фестивал „Езерски бисери“ во Струга, а гран при освои и на детскиот фестивал „Школки“ во Нови Сад, Србија

Единаесетгодишната Тамара Грујевска од Гостивар, уште од својата петта година ги воодушевува сите со својот убав глас. Зад неа се многубројни настапи на детски фестивали кај нас и во светот, каде што често ги освојува највисоките награди. Така беше и неодамна во Русија. На фестивалот „Голден старс реин“ (Golden Stars Rain) во градот Владимир, таа го освои највисокото признание – гран при. На овој успех му претходеше прво место на интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички 2021“, а лани исто така, на меѓународниот арт-фестивал „Езерски бисери“ во Струга ја освои наградата лауреат од прв степен, додека гран при освои и на детскиот фестивал „Школки“ во Нови Сад, Србија.

Тамара, ти пееш од својата петта година и го привлекуваш вниманието на себе со својот талент. На кого си музикална и колку семејството е твоја поддршка?
– Потекнувам од музичко семејство, поточно татко ми е музичар и гените си го направија своето. Прекрасно е да се биде талентирано дете надарено за музика. Моите родители велат дека уште од многу малечка сум изразила желба и сум покажала афинитети кон музиката. Тие забележале дека имам голем талент и оти вреди да се започне со учество на детски фестивали. Веќе пет-шест години сериозно чекорам на музичките сцени на повеќе детски музички манифестации. Моето семејство е мојата најголема поддршка, секогаш е во тек со настаните и прави сѐ што треба за јас да успеам на овој пат што полека го трасирам, што сѐ посигурно ме води кон магичниот свет на музиката.
Кој беше твојот прв поголем успех?
– Моите почетоци се поврзани со првиот настап на детскиот фестивал „Јаболчиња“, кога ја отпеав песничката „Пепелашка“. Потоа снимив и неколку други песни, како: „Прваче“, „Мојот сон“, „Лето“, „Мојата барбика“, „Татковино“, „Светска ѕвезда“… Учествувам и на најголемиот и најстар детски фестивал во Македонија, „Златно славејче“, со песната „Малечка самовила“.
Наградите се многубројни, дома и во странство, сепак, има ли некоја што ти е посебно драга и зошто?
– Можам да кажам дека 2021 е мојата најуспешна година, учествував на три интернационални фестивали, каде што освоив највисоки награди. Освен првите места на „Езерски бисери“ во Струга и првото место на „Ѕвездички“ во Прилеп, освоив и гран при на фестивалот „Школки“ во Нови Сад, Србија, со песната „Музиката во мене има дом“, од авторите Борче Шабановски и Валентин Соклевски. За неа е снимен и видеозапис со „Прокам продукција“. Во новата година, од 31 јануари до 7 февруари учествував на еден од најголемите фестивали во Русија, во градот Владимир, каде што го добив највисокото признание. Токму затоа најдрага награда досега ми е токму оваа на фестивалот „Голден старс реин“ (Golden Stars Rain), бидејќи таму имав најголема конкуренција, зашто учествуваа голем број талентирани деца и млади, вкупно 150 од целиот свет. Со големо задоволство ја прифатив поканата од организаторите на фестивалот да ја претставам Македонија со две песни, „I Have Nothing“ од Витни Хјустон и „Црно и бело“ од Калиопи. Патував со Марјан Катароски, кој е претседател на Светската асоцијација на фестивали (ВАФ). Тоа за мене беше прекрасно доживување, а наедно и голем, значаен успех, искуство што ќе го паметам целиот живот.
Какво беше чувството да се претставува својата земја, Македонија, на еден толку голем и значаен фестивал?
– Навистина е прекрасно чувството да се учествува и да се пее на еден од најголемите и најквалитетни фестивали во Русија, земја што многу вложува во музиката, има традиција и навистина има квалитетни школи за пеење, од каде што произлегуваат врвни пејачи. Најголемо задоволство е да се претставува својата земја, Македонија, тоа ми дава мотив и волја да се трудам и да успеам уште повеќе. Да, и одговорноста е голема да се изведуваат толку тешки песни на голема и грандиозна сцена, како онаа во Владимир, Русија.

Имам многу соништа, сите се поврзани за музиката, а мојата најголема желба е да ја претставувам Македонија на „Детскиот евросонг“. Сонувам успешно да се претставам со прекрасна песна, да ги покажам сиот квалитет и вокални способности, па да види и слушне светот како се пее во Македонија, вели Тамара

Освен што убаво пееш, ти изгледаш прекрасно на своите фестивалски настапи, па така на сцената на „Голден старс реин“ беше како вистинска принцеза. Кој се грижи за твојата тоалета на фестивалите на кои учествуваш?
– За настапот на фестивалот „Голден старс реин“ за мојот изглед се погрижи познатиот моден креатор Златко Јовановски, кој создаде прекрасна креација. Да, се почувствував како да сум во некоја бајка, а добив и комплименти дека сум блескала на сцената. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и на следните настапи. Јас сум млада пејачка што е на почетокот на кариерата, но со помош на моите родители, секогаш внимателно избираме гардероба за настап. Јас лично сакам таа да изгледа прекрасно, но и да се чувствувам убаво во неа.
Дали имаш свој идол и како го надградуваш својот талент?
– Мојот идол е Витни Хјустон, која навистина ја обожавам и најмногу ги пеам нејзините песни. Секако, со задоволство пеам и песни од други популарни странски пејачки, како што се: Селин Дион, Џенифер Хадсон, Деми Ловато, Бијонсе, Ариана Гранде. Многу ми се допаѓаат и песните на македонските пејачки: Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Калиопи и Александра Јанева. Посакувам да снимам дует со најпопуларните пејачи кај нас, Влатко Лозаноски Лозано и со Антонија Гиговска. И покрај тоа што учам во ОУ „Гоце Делчев“ од Гостивар и сум шесто одделение, исто така го посетувам и основното музичко училиште „Енфер Стафаи“, каде што свирам пијано. Учам и во музичкото училиште на Андријана Јаневска за соло-пеење – отсек популарни светски жанрови, каде што го усовршувам својот талент.
Како и сите деца на 11 години, сигурно и ти имаш и други преокупации и задоволства освен музиката, кои се тие?
– Секако, како и сите деца и покрај многуте обврски со музиката, сакам да се дружам со моите другарки од мојот клас. Свирам пијано, одлично цртам и сликам, па поради тоа за себе велам дека сум уметничка душа. Слушам поп-музика, странска и домашна, ги пеам сите најпознати хитови, читам лектири и уживам во секојдневните прошетки низ градот. Сакам да патувам, особено во летниот период и да посетувам убави туристички места.
Која е твојата најголема желба, сон што посакуваш да ти се оствари?
– Имам многу соништа сите се поврзани за музиката, а мојата најголема желба е да ја претставувам Македонија на „Детскиот евросонг“. Сонувам успешно да се претставам со прекрасна песна, да ги покажам сиот квалитет и вокални способности, па да види и слушне светот како се пее во Македонија.

Наградара во Владимир, Русија, на Тамара и ја додели Мар­јан Ка­та­ро­ски, пре­тсе­да­тел на Свет­ска­та асо­ци­ја­ци­ја на фе­сти­ва­ли