Вие ни пишувате

Здраво,
Јас се викам Петја Анѓеловска и ученичка сум во петто одделение во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје. На 29 април учествував на меѓународниот фестивал на литература за деца „Детско царство“ во Бања Лука, Босна и Херцеговина, каде што другарував со голем број деца, млади литературни творци од сите републики во регионот.

Многу сум среќна, бидејќи во таа силна конкуренција ја добив втората награда на конкурсот на овој фестивал, кој е еден од најголемите во нашето опкружување и со најмногу учесници и писатели за деца.

Се претставив со литературната творба „Мала ноќна поезија“, која е испечатена и во Зборникот на фестивалот. Многу сум горда на оваа награда, која ќе ме поттикнува да напишам многу нови литературни творби, со кои, се надевам, исто така ќе постигнам успех.

Во продолжение можете да ја прочитате песната, која се надевам дека ќе ви се допадне.

Срдечен поздрав до сите мои другарчиња, читатели на „Колибри“.

Петја Анѓеловска


Наградената песна

Мала ноќна поезија

Сите спијат, а јас будна сонувам
и патувам низ времето,
низ универзумот
го барам бескрајот.

Кометата ми е перо,
млечен пат ми е празен лист хартија,
и секоја ѕвездичка нуди идеја за песничка,
во овој доцен сат.

Ги нижам ѕвездите како монистра на ѓердани,
исто како зборови во песни,
се топат во стихови ѕвездени лесни.

Да, тоа сум јас, Петја, малата поетеса.
Поезијата ми е сѐ.
Но да бидам „скромна“ и да е светот мој
пак би го сакала универзумот за свој.