Во издание на „Македоника литера“

„Македоника литера“ од Скопје неодамна објави уште пет нови книги од антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“, со што досега се објавени вкупно 18 тома. Новите пет тома се: „Бадникова вечер“ (роман) од Хуан Беиѓиа, „Дрвото сладок портокал“ (раскази) од Цао Венсјуан, „Ноќта со змејот“ (новели) од Пенг Ји, „Големоглав син и малоглав татко“ (раскази) од Џенг Чунхуа и „Развигорот нежно дувка“ (басни и бајки) од Сун Ѓианѓианг. Преводот од англиски јазик е на Елена Саздовска, Дијана Крстевска, Славчо Пеев, Бојана Богдановска и Сибел Ајдинова Бранковиќ.
Овие томови се, всушност, избор од прозата на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади. Изборот е направен од самите автори, а освен предговорот, книгите содржат и осврт на авторите, кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.
Серијата е реализирана во копродукција со издавачот „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина.
„Бадникова вечер“ е еден од најпознатите романи на кинеската писателка Хуан Беиѓиа (1955), која има богат книжевен опус, пред сè романи. Во овој роман таа пишува за растењето и за созревањето на децата во современиот свет, кои стануваат пореалистични, попресметливи, осамени и егоцентрични.
„Ноќта со змејот“ од Пенг Ји (1958) претставува избор од најрепрезентативните дела од фантастичните приказни на Пенг Ји, односно содржи три новели: „Ноќта со змејот“, „Цибетка со девет животи“ и „Тројца диноботи“. „Ноќта со змејот“ раскажува приказна за деветгодишно момче, кое случајно се спријателува со змеј што исфрла оган.
„Цибетка со девет животи“ ја раскажува приказната за едно убаво 12-годишно девојче, кое во домот на својата тетка поминува волшебно, но по малку застрашувачко лето. Девојчето, со прекар Сирена, се сретна со една стара дама, која се нарекува себеси мачката Цибетка…
Во „Тројца диноботи“ се раскажува приказна за 12-годишното момче, кое со своите храбри пријатели во Ѓаволското Царство се бори со три ѓаволски змеја и ја пронаоѓа мајка си…

„Големоглав син и малоглав татко“ е најпознатото дело на кинеската писателка Џенг Чунхуа (1959), кое во Кина со години е бестселер и е едно од најрепрезентативните дела во литературата за деца. Адаптирано е за цртана серија, која е посебно популарна кај младите и се прикажува во неколку сезони. Приказните во оваа се однесуваат на едно среќно семејство – син со голема глава, татко со мала глава и мајка со престилка. Тие, обични и срдечни, водат заеднички живот полн со смеа.
„Развигорот нежно дувка“ содржи избрани басни и бајки на Сан Ѓианѓианг (1946). Басните се куси, но предизвикуваат размислување со извонредно изведени заплети и техники за пишување. Тие можат да го поттикнат критичкото размислување на младите читатели.
„Дрвото сладок портокал“ ги содржи најрепрезентативните 12 раскази напишани од Цао Венсјуан (1954), кои претставуваат четива за светот на вистинското, доброто и убавото. Цао Венсјуан е и автор на истражувачки дела за литературата, сценарист и добитник на неколку книжевни награди и награди за сценарио на филмски фестивали во Кина и во светот.