Фото: Игор Бансколиев

Необична желба

(Вообичаено, кога Руме се враќа од училиште мајка му го прашува како ги поминал часовите. Приближувањето на новогодишните празници ги наведува луѓето најмногу да зборуваат за Дедо Мраз и за даровите што треба да им ги донесе.)

Руме – Мамо, денес на училиште во работните тетратки требаше да напишеме што сакаме да ни донесе Дедо Мраз за новата година.
Мајката Румена – И што напиша ти, сине на мајка?
Руме – Напишав дека сакам да ми донесе ништо.
Мајката Румена – Како тоа да ти донесе ништо?
Руме – Па, така, минатата година напишав дека сакам да ми донесе авион, а ми донесе само пакетче со чоколади, можеби годинава ќе ми ја исполни желбата.
Мајката Румена – Дедо Мраз им ги исполнува желбите на децата, па дури и тие необичните. Да се надеваме дека годинава ќе ја исполни и твојата.
Руме – Да ми донесе ништо?
Мајката Румена – Да ти ја исполни желбата.
Руме – Мамо, морам да ти признаам, денеска, поради тоа што ја заборавив мојата работна тетратка, желбата ја запишав во тетратката на Диме.
Мајката Румена – Желба си е желба сине, каде и да си ја запишал твоја е.

Лажни пеперутки

Една снегулка, ајде да ја наречеме Летка, од ројот снегулки разлетани над градот решила, штом ќе слета на носето на некое дете да го штипне, а кога тоа од болка ќе залелека, да се растопи од радост. Поради тоа, другарките снегулки ја нарекле Летка бесна, а во умот лесна. Како и да е, таа Летка тргнала по својот пат и со брзина каква што одговара на палава глава, се спуштила на носето на Руме. Ниту лево, ниту десно, слетала токму врз носето на детето што во дворот со мрежа трчало да собира пеперутки. Штом се спуштила снегулката Летка врз носето на Руме, немала друго освен да се растопи од радост. А кога Руме, разлелекан ѝ се пожалил на мајка му Румена дека за носето го штипка рачичка влажна, смешкајќи се таа му рекла: „Тоа е поради пеперутката лажна“.

Фото: Игор Бансколиев