„Oбоени спомени“ (Colored Memories) е прва интерактивна едукативна боенка за Македонија, која содржи 59 илустрации, поддржани со текст на македонски и на англиски јазик, кои го опишуваат културното и историското наследство на земјата. Боењето на секој од цртежите ја буди креативноста, го смирува умот и го намалува стресот. Наедно, таа претставува и туристички водич низ регионите, преку кој се опишани јазикот, обичаите, традицијата, природните богатства и убавините на Македонија. Оваа боенка претставува спој на спомени на сите што живеат во Македонија, но и на оние што ја посетиле или сакаат да ја посетат оваа држава.
– Оваа боенка пред сѐ е наменета за млади и возрасни лица, односно за некој што ги сака уметноста или истражувањето, за некој кому му треба релаксирање од учење или работа, за некој што сака да бои и чита пред спиење или за оние што сакаат да имаат едиција на спомени од Македонија. Затоа ова издание одлично е секој да го има во својата библиотека или да го избере за подарок – вели Крсто Златков, еден од авторите на проектот.

Тој дополни дека она што оваа боенка ја прави уникатна е нејзината интерактивната содржина на повеќе страници.

– Го имаме раскажувачот на спомени, разгледницата што може да ја испратите до најблиските, персонализираниот цртеж со рамка каде што може да поставите ваша фотографија, а ќе наидете и на интересна игра меѓу илустрациите. Приказната за боење на спомените гордо ја започнуваме со првото издание од серијалот „Oбоени спомени за Македонија“, а ќе ја продолжиме со другите градови и земји во светот. Затоа, наострете ги боичките, желбата за знаење и страста кон креативноста – ќе има многу спомени што треба да се обојат – ни откри Крсто Златков.

Освен него, креативниот тим што работеше на едукативната креативна боенка го сочинуваат и: Магдалена Таневска и Надица Златкова-Митевска. Графичкиот дизајн е на Марк Јанура, додека текстовите ги пишуваа Магдалена Таневска, Крсто Златков и Маја Илиоска. Лектурата е на Татјана Б. Ефтимоска и Патрик Пелегрино, а превод на Вера Васиљевска-Ангелова и Драгица Ниќифоровиќ. Печати „Софија принт“.

Целиот тим со големо задоволство ја најавува промоција на „Обоени спомени“, која ќе се одржи утре, на годинешното издание на „Фешн енд лајфстајл експо 2019“. Боенката ќе биде изложена до петок, во просториите на МОБ, од 20 до 23 часот, а како добредојде за првите 100 посетители следуваат и подароци.