„Мечето Мери Ум“ на Трајче Кацаров е приказна со еколошка порака

Нов роман за деца во издание на „Просветно дело“ – Скопје

Писателот Трајче Кацаров неодамна го објави романот за деца „Мечето Мери Ум“, кој го издаде „Просветно дело“ од Скопје.
– Романот е пишуван во духот на книгите во кои се бара во светот да завладеат разумот, срцето и вистината. Значи во приказната треба да се сообразиме со амбиентот од делата на просветителите, од делата чии содржини почиваат на авантуристичките и бунтовни природи на главните ликови – вели авторот.
Содржината на романот е интимна исповед на мечето Мери Ум. Родено во еден од кафезите за животни во циркусот „Ветрило“, кога ќе му се укаже можност, за себе ќе каже дека е мече што знае да чита и пишува.

– Мечето Мери Ум се разликува од другите мечки по умот и по тоа што го разбира јазикот на луѓето, како и на растенијата, животните, инсектите и птиците. Таквата обдареност му помага во решавањето на проблемите што му се исправаат на животниот пат. Мајка му – Радост и татко му – Мечо, се ангажирани во циркусот како мечки акробати. Животот под камшикот на дресерот Пепо Решето, за мечето Мери Ум претставува поттик за подготвување план за бегство. Да се освои слободата е интенција на секој слободарски дух. Мечките акробати, по планот на својата ќерка, мечето Мери Ум, бегаат од кафезот и се удомуваат во најблиската шума до градот. Бегството на мечките предизвикува општ метеж во циркусот. Се разбранува и градската јавност. Новинарите прибираат податоци за ексклузивни вести, граѓаните се плашат од слободата на ѕверовите. Во мигот кога мечките тргаат да прогласат победа над теророт, непромислен гест од страната на мечката мајка ги враќа повторно назад во ропскиот живот. Атракцијата на мечката Радост, во циркусот, произлегува од нејзиното возење велосипед. Возењето велосипед ѝ станува дел од нејзиното секојдневие, односно, навика од која тешко може да се ослободи. Токму тоа го користи Пепо Решето – откриваат од издавачката куќа.

Во потпланинското село тој монтира рингишпил и донесува велосипеди за изнајмување. Мечката Радост, откако ќе го слушне детскиот џагор што ја потсетува на оној во циркусот, се спушта во селото, грабнува еден од велосипедите за изнајмување и ја изведува циркуската точка. Пепо Решето, како и селаните алармираат до полицијата. И по кратката радост што ја чувствува мечката од возењето велосипед, таа ја почувствува мрежата на полицијата на својот грб. Загрижен за својата жена, Мечо не ја остава сама. Мечето Мери Ум со голема тага го прима повторното ропство на родителите. Во изготвувањето на планот како повторно да се ослободат, помагаат сите шумски животни, мушички и птици. Меѓу нив е и врапчето братче што живее под стреите на циркуското платно. И вториот план не успева. Сепак, мечките се враќаат во шумата здрави и живи. Имено, камионот со кои Пепо Решето ги превезувал заробените мечки се стркалал во некаква провалија. За среќа, кафезот со мечките претходно поради нерамниот пат се слизнал од приколката на камионот. Тоа било доволно да се отвори вратата од кафезот и мечките да кинисаат трчајќи кон спасот. Мечето Мери Ум останува со истиот ум, со знаењето да чита и пишува, со мама и тато и животот во слобода.

Накратко, ова е приказна со еколошка порака. Истата таа треба да нѐ потсетува, не само одвреме-навреме, туку постојано, дека мора да сме свртени не само кон себе туку и кон природата мајка и кон нашите браќа и сестри од другите биолошки единки.