Македонски ученици освоија сребрен и бронзен медал на 16-та Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (физика, хемија и биологија), која се одржа во Катар од 3 до 12 декември.
Во конкуренција на 400 учесници од 70 земји, сребрен медал освоија Никола Спировски, деветтоодделенец во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје и Мајкл Георгиевски, прва година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, кој за време на државните натпревари оваа пролет беше основец во кавадаречкото ООУ „Гоце Делчев“.

Бронзен медал освоија Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид, Стефан Дрмач, прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, кој на државните натпревари беше основец во „Песталоци“, и Матеј Гелев, ученик во осмо одделение во ООУ „Блаже Конески“ во Велес.
Во тимот од шест најдобри ученици по природни науки во земјава беше и Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе, која беше деветтоодделенка во ООУ „Гоце Делчев“ за време на домашните натпревари.

До учеството на Олимпијадата во катарската престолнина, шесте македонски ученици ги поминаа општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, во периодот од февруари до мај 2019 година.
Шеесет и пет ученици, кои покажале најдобри резултати на државните натпревари во основните училишта, беа поканети да учествуваат на Првиот селекциски натпревар за Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки 2019 години. На натпреварот учествувале 38 ученици од кои 14 ученици се пласирале за Вториот селекциски натпревар на кој се избрани шестемина ученици да ја претставуваат земјава на Олимпијадата во Доха.

Учениците беа подготвувани на Природно-математичкиот факултет во Скопје, од септември до крајот на ноември 2019 година. Покрај Боце Митревски, водачи на тимот беа и Марина Стојановска и Лозенка Иванова, сите вработени на ПМФ.
Митревски им се заблагодари на општините што помогнале, на Фондот за иновации и технолошки развој за обезбедените авионски билети и на Агенцијата за млади и спорт, кои поддржаа тројца учесници и се надева, како што вели, дека тие ќе го променат својот правилник за поддршка на млади таленти.

Следната 17-та јуниорска олимпијада по природни науки ќе се одржи во Франкфурт, во декември, 2020 година.