Во периодот од 16 до 20 мај, во Нов Дојран, се одржа летен камп за млади фудбалерки родени во 2008, 2009 и во 2010 година. На самиот камп учествуваа 37 талентирани девојчиња од цела Македонија, кои се активни фудбалерки во своите клубови.
Како што нѐ информира една од тренерките, Бојана Танова, овие млади фудбалерки имаат тренинг двапати во денот, а станува збор за селектирање млади фудбалерки за државната селекција У-15. Според Танова, тие посветено и сериозно тренираат, иако се млади, и ги слушаат советите на нивните тренери. Танова исто така истакна дека, освен што се вљубеници во фудбалот, сите тие се и одлични ученички.
Целта на овој проект е да се едуцираат и селектираат млади девојки што го сакаат фудбалот. Се одржуваат по два тренинга дневно, а со младите фудбалерки работат лиценцирани тренери и професори по физичко образование: Катерина Милевска, Бојана Танова, Драги Атанасовски, Станкица Атанасова и Јовица Блажевски.
Координатор на овој проект, кој е започнат од 2019 година, е Добре Димовски, поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија.

Љ.А.