Драги деца, на наша голема радост, деновиве примивме многу интересно писмо со прекрасни фотографии од ученички што го сакаат спортот, вредно тренираат и уживаат во успесите што ги постигнуваат. А нивните тренери велат дека за нив работата со децата спортски таленти е најголемо задоволство. Сигурно веќе се прашувате за кој спрот станува збор и кој клуб е во прашање. За да дознаете, прочитајте го внимателно ова писмо, можеби ќе ве поттикне и вие да живеете според поговорката, во здраво тело, здрав дух

Како го поминаа зимскиот распуст младите одбојкарки од пет скопски училишта

Токму така… Кој вели дека кај нас нема газели?
Има, има… И тоа, не само напролет, во лето и есен, ами, еве, нѐ има и среде зима! И тоа, не само една или две, ами точно 150 на број!
Да, ниту помалку ниту повеќе, ами точно сто и педесет на број, и тоа – „ГАЗЕЛИ од најнов ’сој‘“!
Од каде сме?
Од сите скопски основни училишта. И сите сме на возраст од осум до 15 години.
Каде и како можете да нѐ видите?

Тренинзи во СЦ „Борис Трајковски“ и во ОУ „Киро Глигоров“

Во нашиот одбојкарски клуб Газели волеј, во Скопје. Таму, уште од 2019 година, учиме и тренираме како еден ден да станеме ѕвезди и првенки во одбојка, а за тоа се задолжени нашите професионални учители за изучување на тој „занает“, тренерите: Бранка Каленикова, Јоже Ајтарски, Ивана Пејовска, Никола Алексовски, Ана Пејовска, Јадранка Поповски.
Тренинзите се одвиваат во СЦ „Борис Трајковски“ и во ОУ „Киро Глигоров“.
Еве и сега, за време на зимскиот распуст, организиравме практичен зимски камп, кој траеше седум дена. Бевме сместени во прекрасниот хотел „Цар Самуил“, кој се наоѓа во подножјето на планината Беласица, во комплексот на бањите Банско. Тренинзите, според програмата, ги одржувавме во салата на Средното земјоделско училиште, во Струмица, и тоа секој ден, по неколку часа. А потоа?
Потоа одевме на незаборавни кратки прошетки во разгледување на природните убавини на беласичкото подгорје: Смоларските, Колешинските и Габровските Водопади, прекрасното Лебедово Езеро крај селото Смоларе, Моноспитовското Блато и историските и културните споменици во Струмица, Велуса и Водоча…

Незаборавен час со писателот Киро Донев

Прекрасни се впечатоците што ги понесовме од тоа наше спортско активно кампување во подножјето на Беласица. Тешко можат со перо да се опишат впечатоците од сето она што го видовме и доживеавме за време на тие седум дена од нашиот зимски распуст. Но, сепак, најнезаборавен ќе ни биде денот кога во живо го запознавме и другарувавме со нашиот познат лектирен писател Киро Донев, кој сега живее во родното село Моноспитово. Тој нѐ посети во кампот и покрај тоа што нѐ запозна со најважните нешта од подалечното и поблиско минато на тој крај, со важните историски настани, природните реткости во Беласица и Моноспитовското Блато, ни прочита и песни и раскази од своето творештво. На крајот, на сите ни подари и по една негова книга со посвета. Откако добивме одговор на сите наши прашања, се договоривме, за време на наредниот наш летен камп да го продолжиме нашето другарување!

Поздрав до читателите на „Колибри“ од: Јована Николовска и Леа Блажевска од ОУ „Војдан Чернодрински“, Уна Масевска и Софија Лиакци од ОУ „Киро Глигоров“, Андреа Танасоска и Ева Николовска од ОУ „Коле Неделковски“, Калина Тодоровска од ОУ „Ј.Х. Песталоци“, Моника Марбо од ОУ „Вера Циривири-Трена и Јована Каленикова, 52 а – сите од Скопје.