Прв илустратор на книги за деца кај нас е писателот Славко Јаневски, кој во декември 1944 година го подготвил првиот број на весникот за деца „Пионер“, кој излегол во јануари 1945 година, а првата збирка песни за деца со симболичен наслов „Македонче“ од Ванчо Николески ја илустрирал Василие Поповиќ-Цицо

Изложба во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје

Најпрво, книгата нѐ привлекува со својот изглед, мирис, со сликата на корицата и со илустрациите што ги красат нејзините страници. Секој од нас има запаметено некоја насловна страница на буквар или друг учебник, на некое дело што сме го имале за лектира, со кое сме растеле, како и многу други генерации, пред и по нас.
Токму на оваа тема е и изложбата „Илустрациите на книгите за деца – поттик за читање и инспирација“ што во четвртокот беше отворена во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Станува збор за проект на академијата за современи едукации „Про сциентиа“, чиј автор е Билјана Лотеска.

– Преку илустрациите на овој литературно-ликовен времеплов од македонската култура, сакавме да потсетиме на периодот кога некои од нас биле деца и ученици и сме замислувале дека некој од нас еден ден ќе стане писател или илустратор на книги. Сакавме преку илустрациите на книгите за деца да се согледаат минатото и инспирацијата на македонските писатели за деца и забележавме дека, и покрај скромните печатарски услови, постигнат е исклучително висок ликовен дострел. Истовремено, најавуваме дека „Про сциентиа“ ќе се заложи за организирање ликовни работилници за учениците во општините, кои ќе бидат креативна инспирација – изјави на отворањето м-р Љиљана Крстевска од „Про сциентиа“.
За Билјана Лотеска оваа изложба е показ и доказ како македонската ликовна култура во изминатите 75 години не само што ја формирала радоста кај децата туку во исто време ја втемелувала традицијата на релацијата: македонски писател за деца и ликовен уметник, илустратор на нивните книги.

– Во овој наш ликовен исчекор си подаваат рака писателот и уметникот што се грижел за убавината на книгата, која подоцна ќе ја држи в рака секое дете читател. Затоа, на почетокот од изложбата го ставив првиот „Буквар“, за да подвлечам дека тој ги премости сите векови на македонско ропство низ историјата. Тој е објавен по историското усвојување на првата наша азбука и правопис, значи според кодификацијата на македонскиот литературен јазик утврден во мај и јуни 1945 година. Тој буквар е траен светилник што никогаш веќе нема да изгасне, зашто никому нема да му дозволиме да го направи тоа. Треба да се знае дека првите чекори на македонската издавачка продукција се исполнети со два неодминливи факти: книгите за деца во овие три децении (1945-1975) ги илустрирале македонски ликовни уметници од сите генерации, со таков творечки жар и ликовен израз, што и денес пленат и освојуваат со својот раскош и убавина на линии и бои – посочи Лотеска.
Таа дополни дека прв илустратор на книги за деца кај нас е писателот Славко Јаневски, кој во декември 1944 година го подготвил првиот број на весникот за деца „Пионер“, кој излегол во јануари 1945 година, а првата збирка песни за деца е со симболичен наслов „Македонче“ од Ванчо Николески ја илустрирал Василие Поповиќ-Цицо.

– Во првата генерација илустратори на книги за деца се: академскиот сликар Ванчо Георгиевски, архитектот Михајло Чакеља, тогаш професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, сликарот Михајло Шојлев, Љубиша Оџаклиевски, Спасе Куновски, но и Методи Петров, Пеце Видимче, Светозар Домиќ, академскиот сликар Иван Велков, Панде Јаревски, подоцна Миле Топуз, Коле Манев, Богоја Поповски и други.

На оваа генерација илустратори за деца ѝ припаѓаат и писателите Славко Јаневски и Глигор Поповски, а во 1970-тите и Ристо Давчевски. Следниот период во илустрирањето книги за деца му припаѓа на академскиот сликар Димитар Кондовски, кој е вистински иноватор во оваа област и ќе стане препознатлив не само во Македонија туку и пошироко. Потоа му се приклучува Тома Шијак со своите нежни и топли илустрации. Следната генерација на илустратори на книги за деца кај нас се формира кај издавачот „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“, на чело со Младен Туниќ и Александара Цветковски, со уште десетина талентирани млади илустратори, кои многубројната издавачка продукција на книги за деца ја направија оригинална и препознатлива – рече Лотеска.
Меѓу младите илустратори на „Детска радост“ ќе ги споменеме: Димче Исаиловски, Димитар Божиков, Жарко Туниќ, Мирослав Вељковиќ, Томче Манески, Даниела Андонова….

Во сите тие илустрации е вградена традицијата, но тие се и потсетник секој од нас да си го побара детето во себе и под тој диктат да посака да твори за себе и за другите – заврши Лотеска.

Таа прочита извадоци од познатите книги за деца „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски и „Зоки Поки“ на Оливера Николова.
Изложбата е помогната од Министерството за култура и НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

М.Т.