Фото: Радио Струмица нет

Во рамките на „Струмичкиот карневал 2022“

Во рамките на годинашниот „Струмички карневал“, минатата среда во големата сала на Центарот за култура во Струмица, по 12-ти пат се одржа Концертот под маски на ОМУ „Боро Џони“, со наслов „Големи и мали“. Познати музички имиња од државата и од светот што биле некогашни ученици во ова училиште допатуваа во Струмица и, заедно со сегашните, направија магија на сцената на ЦК „Антон Панов“ и приредија концерт што ќе се памети уште долго.
Ги видовме сите ученици од ОМУ „Боро Џони“ на сцената, а нивни гости беа: Роберт Цеков од Холандија, Пере Јованов, кој дојде од Јапонија, Јаворка Витанова, тука беа и Александра Јанева, Ивана Василева, младиот басист Иван Кукиќ од триото на Влатко Стафановски и уште многу други.
Навистина сите на сцената беа професионалци, и малите и големите, а публиката уживаше во звуците на разните инструменти и вокалните интерпретации на солистите и детскиот хор.
На крајот сите ја запееја и песната за Струмица. А на сцената се качи и градоначалникот Костадин Костадинов, бивш ученик на музичкото училиште, кој, како што кажа директорката Клара Патарова, тогаш свирел на клавир.
За убавиот „Концерт без маски“, претседателот на Организацискиот одбор на „Струмичкиот карневал“, Александар Цицимов, на директорката Патарова и ја подари Монографијата по повод 30 години од возобновувањето на „Струмичкиот карневал“, насловена „Струмичко чудо“. Лично од претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови, Ларс Алгел, Патарова доби златен медал на ФЕЦЦ.