Едно дете од шест лета
застана до едно дрвце
што почнува да цвета.

Гранчиња му кршеше,
ливчиња скинуваше,
го виде една тетка
што тука поминуваше.

Отиде кај детето,
застана, го гушна
и само ова го праша:
– Дрвово го слушна?

А детето ја гледа и се чуди
од вакви прашања луди:
– Не, не слушнав ништо!

– Слушни го дрвцето
како ти шепнува,
како за нешто те моли,
за нешто те сепнува,
дека нешто го боли.
Слушни го како си плаче,
му виткаш гранче,
му кршиш раче.

Детето се замисли,
а потоа изјави дека
веќе никогаш
нема така да прави.

Филип Димкоски
(Од збирката „Заедно да растеме“)