Деветтото издание на филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 7 до 12 октомври, во просториите на Кинотеката, и ќе опфати прикажување филмови, дискусии, развивање креативни вештини, дружење и забава.
Бројот на учесници е намален, во согласност со протоколите за безбедност. Затоа побрзајте да се пријавите и да си обезбедите место во жирито на вашиот омилен филмски фестивал!
Инаку, петнаесетмина македонски средношколци и студенти се дел од меѓународното жири на најголемиот филмски фестивал за деца на светот – „Џифони“.
Под мотото „Восклик на радоста“ оваа година фестивалот „Џифони Италија“ постепено се враќа во киносалите. Така, на 3.000 учесници во живо ќе им се придружат уште 2.000 учесници поврзани онлајн од Италија и од други земји од Европа.
Македонската група повторно е најмногубројна: по пет претставници во секоја од трите старосни категории, програмата ќе ја следат од просториите на „Џифони Македонија“, во согласност со протоколите за безбедност. Тие заедно со своите врсници во киносалите на „Џифони“ и онлајн, ќе ги гледаат филмовите на програмата, ќе дискутираат за нив со гостите и ќе гласаат за своите фаворити. Повторно посветен на јубилејот – 50 години од првото издание на фестивалот „Џифони“ – кој минатата година не можеше да биде соодветно одбележан, годинашниот настан се одржува под името „Џифони 50 плус“.