Тринаесетгодишниот Марко Пејчиновски утре по вторпат ќе го преплива Охридско Езеро

Ова дете-борец ќе плива соло-маратон Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, патека со должина што е речиси пет пати поголема од неговата возраст – 64 километри. Ќе плива за лицата со ретки болести, за да ја подигне свеста за нивното место и третман во општеството

„По испливани над 1.000 километри, по многу напорни тренинзи, нервози, пречки, ветришта, бранови, дождови, студено и топло време, официјално објавувам дека утре, на празникот Голема Богородица, ќе пливам од Охрид до Св. Наум, преку Струга, и назад до Охрид“, напиша тринаесетгодишниот Марко Пејчиновски во пораката до следбениците на својот фејсбук-профил.

Ова дете-борец ќе плива соло-маратон Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, патека со должина што е речиси пет пати поголема од неговата возраст – 64 километри.
Сигурно се сеќавате на минатогодишниот подвиг на Марко, кога за околу девет часа го преплива Охридско Езеро, од Св. Наум до Охрид, и стана најмладиот пливач што ја препливал оваа делница, со што се вброи во легендите на македонскиот пливачки спорт. Тој успеа со своите 12 години, и покрај тоа што има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети, соочувајќи се со болката, која му беше сопатник и противник, да се соедини со водата и езерото и да победи.

– И оваа година, на 28 август, Марко ќе влезе во костец со километрите. И пак ќе се соочи со себе и со езерото, но овој пат својата лична битка ќе ја посвети за повисока цел. Ќе плива за лицата со ретки болести, за да ја подигне свеста за нивното место и третман во општеството. Ќе плива искрено и од срце, со љубов од него „реткиот“ за нив „ретките“, за да станат повидливи, прифатени и неразделен дел од нашето секојдневие. Ќе плива за нив, но и за наше освестување, оти отсекогаш се знае дека децата имаат најчисто срце, а со тоа и нивните намери и желби се искрени и токму затоа децата нѐ учат нас возрасните дека е наједноставно да го направиш светот поубаво место за живеење сакајќи искрено, давајќи од срце и гледајќи околу себе – велат од тимот на Марко Пејчиновски.

Негова желба е општествените чинители да се фокусираат на лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки и се соочуваат со животно загрозувачки пречки.
– Марко ќе биде гласот на овие луѓе, кој на 28 август ќе се претвори во крик за поддршка на лицата со ретки болести и за подобрување на нивниот статус во општеството, а пред сѐ на здравствената грижа за нив. Затоа што сите имаме ист дом – Земјата, дишеме ист воздух, живееме под исто сонце. Затоа што сите сме исти пред бога, затоа што цело е кога има сѐ! Затоа да не ги затвораме очите пред „реткоста“, туку да гледаме напред, со широко отворени зеници, со срце за ретките – додаваат од тимот на ова дете-херој.

Инаку, Марко лани за 9 часа и 30 минути го преплива Охридско Езеро, тргна од Свети Наум во 9.30, а на пристаништето во Охрид стигна во 18.15 часот. И покрај здравствените проблеми (кога пред три години правел операција на тестисите добил инфаркт на колкот), ова храбро момче направи вистински подвиг. Почетокот беше тежок, бидејќи Марко се соочи со силен ветар и големи бранови, но, како што изјави, тоа не го обесхрабрило.
– По операцијата не смеам многу да трчам, но тоа не ме спречува во намерата да го препливам езерото – вели тој.
И овој пат, како и лани, со Марко ќе биде тимот на Црвениот крст на Охрид, лекарска екипа, претставници на локалната самоуправа, голем број поддржувачи и, се разбира, неговите родители, кои се горди на својот бестрашен син.

Минатогодишниот подвиг на Марко