Меѓународен детски фестивал на 9 и 10 октомври во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

На 9 и 10 октомври, од 19 часот, во салата на културниот центар „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи 21-то издание на интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Годинава ќе учествуваат млади таленти од: домаќинот Македонија, но и од Русија, Белорусија, Словенија и од Србија.
Фестивалот е вистински бренд во Македонија, кој во текот на годините донесе многу хитови.
– „Ѕвездички“ е вистински креатор на детската музичка сцена во Македонија. И годинава се реализира и покрај сложената состојба со пандемијата на коронавирусот. Овој фестивал е единствена музичка манифестација за деца во земјава членка на ВАФ (Светска асоцијација на фестивали). Најдобрите учесници од Македонија официјално ја претставувале земјава на најголемите фестивали низ светот од каде што се вратиле со награди. Интересно е дека учествуваат деца до 14 години, а сите учесници настапуваат со авторска песна на јазикот на земјата од каде што доаѓаат – велат организаторите на оваа реномирана меѓународна манифестација за деца.
Во изминатите 20 години, на фестивалот учествувале повеќе од 3.000 учесници од речиси сите континенти и земји од светот: Аргентина, Франција, Германија, Малта, Италија, Русија, Украина, Литванија, Летонија, Естонија, Египет, Сирија, Израел, Грузија, Белорусија, Полска, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Холандија, Финска, Турција, Албанија, Либан, Кина, Казахстан,….
Фестивалот се реализира според сите протоколи за заштита од коронавирусот.