Од доделувањето на наградата

Наставник на годината за 2017/2018 година: Фатиме Алии (6)

Со наставничката Фатиме Алии, одделенска наставничка во ОУ“Живко Брајковски“ во Скопје, ја завршуваме серијата на претставувања на шесте најдобри просветни работници на Р Македонија за 2017/2018 година. Таа на почетокот од нашиот разговор истакна дека е почестена и горда на оваа награда.

– Сакам да изразам благодарност до моите колеги и колешки за помошта и соработката. Благодарам е зборот што од срце го упатувам кон сите оние што беа и што се со мене и ми помогнаа да бидам тоа што сум – рече наставничката Алии.
За неа да се биде наставник не е нималку лесно.

– Сите наставници знаат дека оваа работна позиција не е нималку лесна. Да се биде наставник за мене е предизвик, а вистинско задоволство се крајниот исход, успехот и добриот резултат што ќе се постигне – додава таа.

За Фатиме Алии инспирацијата е фактор што ја мотивира да оди напред, до саканата цел. Честопати станува збор и за факторот самомотивација. Едноставно, љубовта и посветеноста кон работата даваат сила и енергија да се оди по скалилото на успехот во животот.

– Секој нов ден му се заблагодарам на Господ што сум родена и воспитана од моето прекрасно семејство и можам да се фокусирам и да го дадам максимумот во работата. Ја живеам мисијата што ми ја овозможува мојата професија и тоа ми дава крилја да истражувам, да експериментирам, да ги употребам сите слушнати иновации за да ги реализирам желбите. Постојано се едуцирам, бидејќи наставникот не треба да запре во образовниот и воспитниот процес. Тој треба да ја следи епохата на времето во кое живее и работи – објасни Алии.

Според неа, наставникот е херој во својата работа. Во секој миг треба да биде: позитивен, трудољубив, критички да размислува, да биде примерен и креативен. Ф.Д.