Од творештвото на писателот: Ефтим Клетников

Среде полноќ, во никоја доба,
ко натрапник без да чука
кај Малечката Принцеза в соба
влезе јуни и заседна тука.

Ама пред тоа тој букет ружи
во бокалот на масата стави,
и на креветот се спружи
како господар што може сè да прави

во својата куќа. Принцезата бледа,
дур својот шешир сламен
ѝ го подава и во неа љубопитно гледа,
сал се леди со срцето-камен.

Ама гостот чуден гајле нема,
станува со свечен гест и без да збори
подрака Принцезата Малечка ја зема
и со неа танцува до зори.

Тој ја крева, пред и да се сврти,
како танчар искусен над подот
и ко ветрушка над таванот ја врти,
како птица пурпурна под небосводот.

Потоа ја слегнува на кревет,
ја бакнува со пурпурен бакнеж в чело
и низ прозорец, точно во пет до девет,
излегува ко ветер в заспаното село.

Така. А Малечката Принцеза не знае
дали сони, или јавето пред прагот стаса,
и го гледа како чудно сјае
букетот од ружи в бокалот на маса.