Исидора Мирческа има седум и пол години и учи во ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп. Одлична ученичка е и оди во второ одделение.

Таа е брзо и темпераментно девојче, талентиранo за спорт и за музика. Пред десетина месеци почна да пројавува интерес за танцот. Тренира во спортскиот танцов клуб „Темпо“ под раководство на тренерите Славица и Евгенија. Не сака да пропушти тренинг, а тоа дава резултати. Од последниот танцов натпревар во Битола се врати со освоено второ место во категоријата самба. Претходно беше дел од меѓународен танцов натпревар во Скопје каде што освои второ место во категоријата синхро самба.

Очигледно е дека самбата ѝ лежи, ама сака да танцува и џајф, ча-ча, румба….
И не само што танцува, Исидора напоредно вежба гимнастика од четиригодишна возраст. Талентот за гимнастика го наследила од покојниот дедо, кој беше професор по физичко образование. Тренира гимнастика кај Валентин Ангелевски. И таму покажува одлични резултати. За сите овие активности голема поддршка ѝ е семејството, посебно поголемиот брат Ангел.

Сестраноста ја покажува и со посетата на музичко училиште. Свири на клавир и е дел од хорот на музичкото училиште. За нејзиниот уметнички дух потврда е и неодамнешниот настап во црковниот хор „Св. Петка“.