Умни стихови на писателот Стојан Тарапуза (16)

Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате рубриката „Јатки на мудроста“, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Овие стихови замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“, вели за нив авторот.
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и самите да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете понекогаш чудниот свет на возрасните.


1.

Кој копа – ќе сади,
кој сее – ќе жнее
земјата за тоа
виновна не е.

2.
Не плаши се од тој
што те води,
туку од тој
по тебе што оди.

3.
Во лов без загар
не се оди,
со пијан разговор
не се води.

4.
Кога е ѕвездосан
и ставен во рамка,
– се фаќа и за сламка.

5.

Жар под скара,
клен на скара,
– друшката си ја бара.

 

Стојан Тарапуза