Низ страниците на македонската литература за деца:
„Дарко во ЗОО-паркот“ на Киро Донев

Едвај дочека јазовчето Јазо да окопне снегот, да се стопи мразот. Топлото развигорче благо штом свирна, тоа полека и плашливо од јамата ѕирна.
– Леле, леле – радосно рече – колку шумно поточето тече! И цвеќенцата, ене почнале да цветаат и разни инсекти над тревките да летаат!
– Не чуди се, Јазо, се буди природата! – му довикна рипката, скокајќи над водата. – Од денес, па натаму – сѐ потопло ќе биде. Баба Марта јави: Пролет веќе иде!
Слуша Јазо, гледа и се чуди, а во него некаква топлина се буди. Палаво бранче низ душата му „рее“, можеби од Сончко над него што грее?!

И реши да прошета. Се упати кон сртот. А оттаму, глеј – му мавта кртот! Виде и зајак, и гулаб што лета, а една пеперутка – на носот му слета!
Јазо е самотник, сал ноќе шета. Никогаш не видел – гулаб како лета. Не видел ни зајче – ни пајче што плива, ниту нешто друго – дење што „бива“…
Го гледаат и тие, ама и се чудат – за прошетка, дружно, сите му се нудат.Искрено сакаат пријатели да му бидат. Кај што оди тој – и тие да идат…

– Јас одам – им рече – кон царството на светулките. Велат дека било меѓу житата и булките. Штом сакате со мене, повелете, ајде… Сигурно ќе го најдеме пред сончко да зајде…
– А, зошто одиш таму, пријателе драг?
– Зашто мојот дом е постојано во мрак. Две светулки ќе земам дома да ми светат, место ваму-таму бесцелно да летаат!

– Знам – рече кртот – колку ти е мачно. И кај мене дома постојано е мрачно. И јас сум осуден под земја да се кријам – пишано ми било цел живот да ријам… Велат дека сртовите се дело на кртовите…
Додека така пријателите зборуваа, денови и недели неосетно минуваа. Ги носеше некаква незапирлива полет. Беа – жив украс на цветната пролет…
И сонцето зајде. Огреа месечината.

Штама настана насекаде во дивината…
Миг потоа, блеснаа фенерчиња во далечината.
Што беше тоа, пријателите веднаш сфатија, и – кон светлото царство весело се упатија…