Можете да организирате и анкета во вашето училиште, па да видите секој ученик што би сакал да се засади во градината, што сакаат да јадат учениците, а потоа да видите што би можеле да насадите или да посеете според големината на обработливата површина, но и според другите услови

Анализирајте и истражете

Веројатно голем број ученици, заедно со нивните наставници имаат желба да направат градина во свето училиште. Но од идејата до реализацијата има доста работа.
Откако ќе го обележите местото во училишниот двор каде што ќе се наоѓа градината и кога ќе завршат подготовките за дефинирање на нејзиниот изглед, мора да се договорите што ќе одгледувате и кој за што ќе биде одговорен.
Ајде да размислуваме како вистински агрономи, кои пред да преминат кон обработка на земјата, прават нејзина анализа, односно ги испитуваат нејзините својства.
МН. Анализа на почвата
На тој начин се утврдуваат составот на почвата и нејзината пеха-вредност односно киселоста. За да се спроведе почвената анализа, потребна ни е консултација со земјоделски инженери и лаборанти, кои во институциите вршат такви анализи. Кај нас почвени анализи се вршат на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Институтот за тутун во Прилеп и во други државни институции, но и приватни лаборатории.
Оваа анализа ни помага според составот да одредиме што е добро да се насади, односно што ќе успева во нашата градина. Секако, не треба да ја занемариме и изреката дека лоша земја не постои. Наше е, како добри земјоделци и како вљубеници во природата, на хуман начин, со знаење и со обработка да ги подобруваме нејзините својства.

Освен од почвените карактеристики, што ќе засадиме зависи и од климата, местоположбата на нашата обработлива површина, изложеноста на сонце, наводнувањето…
Секоја растителна култура има одредени карактеристики, а со тоа и одреден степен на специфичност при одгледувањето, па затоа ако сме почетници во градинарството треба да одбереме растенија што бараат помала грижа и кои се полесни за одгледување, а веројатноста тие да успеат е поголема.
Избор на култури што
ќе ги засадите

Така, за градинарите почетници што можеби оваа пролет ќе ја подигнат првата градина, предлагам неколку култури што би можеле да ги посадите и успешно да ги одгледате, а потоа да се радувате на плодовите од вашата работа и тоа да биде мотив следната година да засадите повеќе и поразлични култури со поголеми барања во одгледувањето.
Ќе наведам уште неколку важни нешта пред да ви ги предложам културите што би можеле да ги посадите во вашата градина:
За човечка исхрана се користат само 5.000 растителни видови од вкупно 400.000 растенија што ја населуваат планетата Земја
Во светот се познати околу 1.000 растителни видови што се користат во исхраната
За комерцијални цели се користат од 100 до 150 вида
Кај нас се одомаќинети од 30 до 50 вида зеленчук.
Изборот на видовите овошје и зеленчук во градината зависи и од навиките во исхраната, но како што рековме, пред сѐ зависи од агроеколошките услови, потоа од видовите што традиционално успеваат на нашето подрачје, култури што се зачувани и одржани во крајот во кој живееме, отпорни сорти што се препорачуваат за одгледување органски градини…

Седум градинарски култури за почетници

Почетниците може да ја пробаат бавчанџиската среќа со лукови култури, салата, морков, ротквички, магдонос, грашок и други култури што се сеат директно во земјата, додека расадот е препорачливо да го купувате додека не се усовршите во одгледување расад од семе.
Moрковот е коренеста култура. Потребно е да избереме квалитетно семе, а почвата треба да биде добро обработена и да припаѓа на типовите лесна и песоклива почва за да може коренот да се развива слободно и правилно. Може да се сее во март, мај и јуни или крајот на октомври и ноември.
Кај магдоносот разликуваме два вариетата, и тоа вариетет што се одгледува заради задебелениот корен и вариетет што се одгледува заради листовите. Најдобро успева на средно лесни, плодни и структурни почви. Може да се сее пред почетокот на зимата или рано напролет.
Ротквичките исто како и морковот и магдоносот, спаѓаат на групата коренести култури, тоа значи дека нивниот корен ние го користиме во исхраната. Најдобро успева на растресита почва, претходно ѓубрена со органски ѓубрива, а во однос на плодоредот може да биде преткултура, втора култура или меѓукултура во леите со лук и салата. Може да се посее кон крајот на февруари, во текот на април или во септември.

Кромидот е лукова култура, како лукот и празот. Тој е еден од најстарите видови зеленчук што му е познат на човекот. Производството може да биде директно од семе, од расад и од арпаџик. За градинарите почетници препорачуваме садење со мали луковички, односно со арпаџик што може да се купи од земјоделските аптеки. Бара високоплодна почва. Садењето се извршува во март и во април.
Лукот е растение одгледувано од дамнешни времиња и познато е по специфичниот мирис и вкус добиен благодарение на етеричните масла што ги содржи.Успева на различни типови почви, но на сиромашни почви дава многу ниски приноси. За високи приноси е потребно обилно ѓубрење. Лукот се сади со чешниња и, секако, се препорачува рачното садење затоа што на тој начин се обезбедува правилна положба на чешнето во земјата. Се препорачува садење на крајот на февруари и почетокот на март.
Грашокот е плодова, мешункаста култура. За исхрана се користи мешунката, односно зрелото семе во неа. Бара почва што е добро проветрена и структурирана. Се ѓубри само со минерални ѓубрива. Тој е легуминозно растение и преку азотофиксаторите произведува азот, па затоа освен што е добар за нас за исхрана, тој добро ја храни и почвата. Грашокот може да се сее многу рано напролет, односно од петти до дваесетти март.

Една од најпознатите лиснати култури е салатата. За исхрана се употребуваат листовите и главиците. Според начинот на одгледување, разликуваме сорти за рано производство, сорти за пролетно производство, за летно, за есенско-зимско и за зимско производство. Тука се мисли и на начините на производство во заштитен простор. Се сее со директна сеидба или од расад.
Накратко ви претставивме седум градинарски култури, седум како број на среќата, за среќен почеток на вашата градинарска приказна. Вие можете да организирате и анкета во вашето училиште, па да видите секој ученик што би сакал да се засади во градината, што сакаат да јадат учениците, а потоа да видите што би можеле да насадите или да посеете според големината на обработливата површина, но и според другите услови. Како што повеќепати сме рекле, градинарството отвора бескрајни можности за експериментирање, учење и креативност.
Среќно градинари!

Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер, поет, активист и член
на „Слоу фуд – Прилеп“


Литературно катче

Градината на баба

Градината на баба
е многу шаренолика,
во разни бои таа
од убавина блика.

Овде круша,онде цреша
и по некое јаболко се меша.
Ваму домат, таму краставица
и од тиквичките на баба Славица.

Јаготчиња црвени и зрели
слатки се и здрави,
ги засадивме во редови
како пушка прави.

Пченка млада, тиква бела,
меѓу нив ѕирка лубеница зрела.
Градината на баба како да се смее,
повесело е во неа
кога славејот пее.

Марија
Ивановска,
шесто одделение,
ООУ „Браќа
Миладиновци“
с. Миладиновци – Скопје