Во организација на здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Вера“, во неделата попладне во Струмица се одржа првата штафета на еднаквоста. Учествуваа деца со попреченост, кои трчаа по градскиот парк во Струмица, од амфитеатарот до споменикот на Борис Трајковски. Тие, наместо штафета, носеа пораки на хартиени срца и со нив трчаа по патеката, пренесувајќи го апелот дека и тие се тука и дека тие можат и умеат. „Инклузија за сите“, „Заедно сме посилни“, „Еднаквост за сите“ беа пораките што му ги врачија на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

– Нашите деца се наша инспирација за проширување на нашите видици. Заради нив ние, родителите, го гледаме светот со други очи, да наоѓаме среќа во малите нешта. Научивме да бидеме трпеливи, учители, спортисти, актери, пејачи, доктори. Научивме сѐ, но пред сѐ научивме да ги прифаќаме работите какви што се. Научивме дека не сакаме да ги промениме нашите деца, но подготвени сме да го промениме светот за нив – рече Анче Николова-Туфекчиева од здружението „Вера“.

На штафетата на еднаквоста учествуваа деца од Струмица, Валандово, Радовиш, Штип и од Прилеп. Тие со насмевка ја истрчаа делницата од речиси 600 метри, а им се придружија и нивните родители и посетителите, кои се рекреираа во градскиот парк во Струмица.

Од здружението „Вера“ кажаа дека вакви штафети ќе се организираат и во иднина, за да им понудат на децата со потреби спортување и рекреација, но и да се издигне свеста во заедницата дека под ова небо сите сме еднакви.