Оваа година иако постои преполовување во членството на „Мистик“, бевме подготвени да му го дадеме на градот она што е наш заштитен знак, а тоа не се натпреварите и настапите надвор, туку целовечерен концерт на кој го славиме танцот во Гевгелија, вели идејниот татко на студиото, Александар Аврамов

Традиционален годишен концерт на студиото „Мистик“ во Гевгелија

Крајот на сезоната 2020/2021 г. танцовото студиото „Мистик“ го одбележи во петокот на ракометното игралиште на Градскиот стадион во Гевгелија, традиционално, со својот годишен концерт. Пред настапот, идејниот татко на ова студио, Александар Аврамов, кој над 20 години е инструктор и кореограф, поздравувајќи ги големиот број присутни рече дека претходната 2020 година сите нè затекна неподготвени и главните проекти на „Мистик“ останале нереализирани.
– Оваа година иако постои преполовување во членството на „Мистик“, бевме подготвени да му го дадеме на градот она што е наш заштитен знак, а тоа не се натпреварите и настапите надвор, туку целовечерен концерт на кој го славиме танцот во Гевгелија. Оваа година знаевме дека предизвиците со пандемијата ќе продолжат. Но не смеевме ни да дозволиме целиот труд, сите идеи и креирања да останат само за нас. Што се однесува до часовите и тренинзите, имавме комбинирана настава. Некои од учениците доаѓаа во студио во периодот кога беше дозволено, некои од учениците посетуваа часови исклучиво онлајн. Главните подготовки за завршната претстава се одвиваа на отворен простор, во парк и терени за спорт – рече Александар Аврамов.
Со овој концерт пред гевгеличани, „Мистик“ уште еднаш докажа дека е најпрофесионалното и најквалитетно танцово студио во Гевгелија и меѓу најквалитетните групи во Македонија. Во него членуваат над стотина деца. Најголемиот дел од членовите на „Мистик’ се од локалните училишта (ООУ „Владо Кантарџиев“, ООУ „Крсте П. Мисирков“, „УСО Јосиф Јосифовски“), а има и членови од околните населени места (ООУ „Ристо Шуклев“ од селото Негорци) и од други општини (ООУ „Јосип Броз Тито“, Валандово).

Членовите на ова студио, кое е формирано во 2008 година во просториите на Пионерскиот дом во Гевгелија, под раководство на Александар Аврамов, и овој пат се претставија со кореографии инспирирани од урбаната и поп-културата на денешницата, оригинални и својствени за „Мистик“. Со своите настапи во земјава и во странство, во Бугарија, Грција, Австрија, Хрватска, Унгарија, и со многубројните награди со кои се враќале од овие настапи, студиото „Мистик“ претставува вистински музички репрезент на Гевгелија и на Македонија, на модерниот танц.
– Веќе четиринаесет години „Мистик“ нѐ води низ светот на урбаниот танц, танцот на денешницата, танцот на иднината. Креираат и танцуваат на музиката што ја слушаат и младите и возрасните, музиката со која се расте и се сонува. Се смееме и плачеме, се дружиме и отуѓуваме, паѓаме, па стануваме… впрочем како и во животот. И еве нѐ овде, на крајот на уште една успешна сезона – изјави раководителот на „Мистик“, Аврамов.
На годишниот концерт, тој им се заблагодари најпрво на сите членови што беа дел од „Мистик“ изминатава сезона, а изрази и благодарност и до нивните семејства за поддршката и аплаузите на секој натпревар, секое патување, секоја изведба.
Навистина е убаво кога некој креативец својот талент, ентузијазам и време ќе им ги посвети на помладите, бидејќи, како што велат, „човек е креативен само ако го сака животот доволно за да сака да ја издигне неговата убавина, да внесе малку повеќе музика во него, малку повеќе поезија во него, малку повеќе танц во него“.

Љубчо Алексовски